54 Рацинови средби – „Рацин е џин и грамада“ порачаа проф. др Мишел Павловски и поетот Игор Клетников
„Велиш? ами каде ви се кралеви и цареви и тапија за земјата македонска“ се зборовите на Кочо Солев Рацин напишани како клучни во текстовите во кои полемизира и жестоко, искрено се спротивставува кон бугарските и србските негатори на Македонецот што синоќа во Беседата ги издвои проф. др Мишел Павловски кога зборуваше за големината на Рацин и неговата борба со аргументи за македонската посебност .Тој како член на претседателството на Друштвото на писатели на Македонија и како раководител на одделението за литература на 20 век на Институтот за македонска литература се осврна на рациновите текстови посветени на Богомилите и Богомилското движење во кои, како што рече, се чита рациновата убеденост за „едно чисто македонско јавление кое никнало во особени услови во кои живееле македонските славјански племиња“.
-Коста Солев Рацин е грамада на македонската литература, столб меѓник на кој се држи нашата култура како што тоа се Глигор Прличев, Јордан ХК Џинот, Крсте Мислирков, Блаже Конески, Славко Јаневски, Ацо Шопов, рече Павловски.
На првата вечер од годинешните 54 Рацинови средби секако највпечатлива беше реакцијата на поетот Игор Клетников, учесник на Поетскиот митинг. Пред да ги прочита своите стихови, Клетников, кон малубројната публика во салата на театарот искажа револт кон омаловажувачите на ликот и делото на великиот Рацин, како што е Чилиманов.
Поетот Игор Клетников
– Рацин не бил џин како поет туку и како човек затоа што се борел за она што денеска човештвото се помалку се бори а тоа е социјална еднаквост и правичност меѓу луѓето. Во таа смисла не можам да се воздржам и да не кажам дека иронично е што пред неколку месеци овој џин од една наша јавна личност беше наречен џуџето од Велес а обвинението беше што бил левичар. Јас би сакал да кажам дека ако сакаме да го гледаме Рацин тогаш тоа е низ зборот правичар затоа што се бореше за правда со неговата поезија и со неговиот живот, рече Клетников.
Зборовите на Игор Клетников и на Проф.Д-р Мишел Павловски ги слушнаа првите луѓе од организациониот Одбор на манифестацијата Рацинови средби, претседателот и членови на претседателството на Друштвото на писатели на Македонија, Клуб на писателите „Кочо Рацин“ од Велес како и градоначалникот Славчо Чадиев и претседателот на Советот на општина Велес Александар Колев . Ниту еден од нив не реагираше кога Чилиманов го нарече Кочо Рацин џуџето од Велес.
Инаку, годинава на Поетскиот митинг немаше поети гости од странство туку неколкумина домашни и двајца од Велес. Наместо поетски дострели, научни размисли како и презентација на литературни критики и осврти манифестацијата посветена на џинот и грамада – поет и револуционер Кочо Рацин од година во година преферира театарски изрази како што се перформанси.
Синоќа, поетските средби ги отвори директорот на културната манифестација, Васил Зафирчев, по што следеше азбучарење или поистоветување на Рацин со буквите од Кирилицата.
– Да се создаде азбука според Рацин, годинава значеше одново да се испише еден важен дел од историјата на македонската книжевност односно да се пишува врз каменот темелник на современата македонска поезија, рече Зафирчев.
Беше доделена и наградата „Антологија на болката“ на годинешниот добитник поетот Митко Апостолов.
Добитничката на наградата „Напиши љубов во 140 карактери“ – Надица Тренчева од Кавадарци
Вечерва, во 19 часот пред бистата на Рацин во велешката гимназија ќе му биде оддадена почит на великанот, еден час подоцна на малата сцена на театарот ќе бидат доделени наградите од поетскиот и рецитаторски конкурс и во 21.30 часот ќе бидат затворени 54 Рацинови средби кога ќе бидат доделени Рациновото и Почесното Рациново признание на годинешните добитници./У.Ј