Сеќавање на Трајче Ламњов – велешкиот Бадев
Ретки се луѓето како Трајче Ламњов. Речиси немаше човек што него не го познаваше во Велес. Душа од човек и секогаш полн со добрина. И последниот залак леб одсекогаш го делел со другарите. Секому што му требаше помош Трајче притрчуваше да помогне. Тагата, веројатно ја имал и секогаш ја покривал со песна, со македонска песна. Од длабочината на својата душа Трајче пееше за Македонија која многу ја сакаше. Песните на Никола Бадев, Александар Сариевски, Кирил Манчевски, Пепи Бавтировски и многу други му ја разубавуваа душата и му беа како мелем на рана. Трајче беше голем човек во душа и затоа сите го сакаа. И во најтешките мигови знаеше да запее, но, и да пророни солза.
Тој од мал ја сакал музиката зашто во неа ја наоѓал и тагата и радоста. Трајче Ламњов е роден на 10 мај 1948 година во Велес, од мајка Надежда и татко Благој. Мајка му учествувала во народната револуција за создавање и слобода на Македонија. По војната работела во „Бела Вода“, а татко му Благој целиот работен век го поминал во „Колска“. Трајче биле три деца. Тој бил второ дете и затоа секогаш имал заштита од својот постар брат Ѓорѓи. И покрај сиромаштијата и двајцата растеле со голема љубов. Додека мајката Надежда и таткото Благој биле на работа тие поголем дел од денот го минувале на улица со маалските другарчиња. Играле со зуски, ашици, парталава топка,клиса и разни други игри од тоа време.Трајче како помал бил попалав па често се случувало да има и по некоја расправија со децата од другите улици но, секогаш како заштита зад себе го имал својот постар брат Ѓорѓи а и обратно. Но и покрај заштитата Трајче не еднаш си доаѓал дома со сринато колено, шината рака или нога, дупната глава, исчукани прсти на нозете, но, никогаш не се жалел. Никогаш не се налутил никому. Тој сето тоа го разбирал како игра, во која еден ден еден а друг ден друг ќе победи.
По тепачките, за тоа кој победил во играта со ашици, сите заедно и оние што знаеле и оние што не знаеле да пливаат, оделе на Јанитеш, да се капат во бистрите води на Вардар. Тој кога се враќале дома, од брат му чекал да му намачка сало на голема рибанка, да стави црвен пипер и мелена сол. Или пак Трајче кога ќе се врател од училиште, го јадел „деликатесот“, голема рибанка леб одозгора со шеќер и попрскана со вода.
Од мали нозе Трајче ја сакал песната. Па во миговите кога на радио, што преставувало реткост да се има во домот, тој ќе слушнел некоја македонска песна, ја сопирал играта за да ја слушне и научи песната. Веднаш потоа цело време си ја потпевнувал.
Така растел Трајче Ламњов. На училиште бил добар ученик. Кога Ѓоре, брат му, се вработил му купувал се на Трајче. Често пати на другарите со гордост им велел : „Ѓоше, брат ми, па ме дотера. За него си купи црн капут и за мене црн капут. Ќе се лепат девојчиња за нас, оти во тоа време да имаш капут или мантил, рачен часовник и транзистор одма си „штик“ по велешки. На корзо си главен, сите гледаат во тебе.
Трајче почнал да пее од својата шеста година. Бил член во театарска и во рецитаторска група. а бил и извидник. . На улица кога ќе излезел, старите жени што седеле на убаво варосаните камења, пред портите, му велеле : „Трајче, ајде запеј ја песната од Бадев, за стреланите деца од Ваташа,или „Зајди, зајди“ од Сариевски, или „Кога паднал Јане на Пирин Планина“, од Васка Илиева!“. На Трајче не требало двапати да му се каже. Веднаш почнувал да пее, а неговиот детски глас, како славеј, се ширел не само во нивната туку и во соседните улици.
Трајче Ламњов со сопругата Грозда
Кога тој наполнил петнаесет години станал член на КУД „Керамичар“, подоцна бил член и на КУД „Коле Неделковски“ а потоа и на КУД „Брако“. Исто така членувал во „Распеани велешани“ и во „Распеани пензионери“. Со нив патувал и настапувал во Титови градови, а без него не почнувала ниту една манифестација во Велес. Всушност неговите гласовни квалитети биле откриени додека служел воениот рок во Охрид. Таму на стража фатил некој фрацузин како фотографира околу касарната , добил награда да служи воен рок во Домот на АРМ, каде се истакнал со своите настапи пред воените старешини, а секако и пред убавите девојки.
По враќање од ЈНА се оженил за Грозда, неговата голема љубов,од која му се родиле два прекрасни сина. Трајче, својата љубов кон музиката им ја пренел и ним, на Благој и Кирил кои денес се музичари од светски ранг. Благој на натпревар за класична музика на кларинет во САД, освојува прво место. Живее во Шведска и работи во Операта а си има и своја група студенти. И постариот син Кирил живее во Шведска и покрај тоа што има друга професија се занимава со музика. Тие достојно го презентираат сето она што го научиле од својот татко Трајче. Освен нив семејната музичка традиција на Ламјови ја продолжуваат, двајцата внуци на Трајче од синот Кире. Тоа се Трајче, крстен по деда си и Теодор. Сепак имењакот се одлучил да му се посвети на спортот, на фудбалот, додека Теодор да ја негува музиката. Инаку Трајче беше горд и на снаата Снежана, сопругата на синот Кире, кога со неа заедно често умееја да запеат.
„ Сакаше да оди на риболов. На седенките со неговите другари сакаше да кажува вицови и да ги насмее луѓето. Во Велес, со него, сакаа да застанат сите, почнувајќи од обичните граѓани, посебно од работничката класа, па се до претседателите и градоначалниците на Велес. Дома обожаваше да си свири на гитара и да пее стари македонски песни. Таков беше Трајче Ламњов, човекот, другарот, пријателот. Таков беше во својата Соколана, каде што се роди, каде што ги играше детските игри, каде гледаше по убавите моми, каде што се ожени за неговата убава Грозда и каде ги израсна и ги воспита своите два сина. Таму минатата година, во месец април, засекогаш престана да чука неговото срце. Татко ми почина горд што одгледа два ангела, големи македонски ангели и беше горд на неговите идоли Никола Бадев , Сариевски, Кирил Манчевски, Јонче Христовски, Пепи Бафтировски како и на многу други интерпретатори на македонската староградска песна. Остави многу дела и спомени што го продолжуваат неговото живеење!“, ми рече деновиве неговиот син Благој Ламњов.
Стоилко Андреевски