Нови шест скулптури поставени на велешките улици
Скулптурата посветена на Гемиџиите, наши сограѓани кои во минатото со гемии пловеле по Вардар, е поставена на централниот влез во Младински парк од страна на главната градска улица „Благој Ѓорев“. Таа е дело на акдемскиот скулптор Горан Стаменков од Скопје кој ги овековечи велешките Гемиџии користејќи старо железо за да го обликува неговото уметничко дело.
– Сакав да ги претставам фигуративно како дел од велешката традиција затоа што тие се дел од духот на градот од тоа време. Чамецот го работев по макета од гемијата, се потрудив автентично да ја изработам и облеката, самите ликови. Скулптурата ја изработив од железо, бидејќи идејата беше да се употребат рециклирани материјали, а мене и ми одговараше железото како медиум за изразување затоа што поседува линија и плоха. Се надевам дека велешани и велешанки ќе ја прифатат и ќе уживаат во скулптурата, рече авторот Стаменков.
На две локации во Младински парк се поставени уште две скулптури на учесниците во годинешната прва Меѓународна скулпторска колонија.
Скулптурата „Ангел“ која ја одразува вербата и надежта, е исто така изработена од железо. Таа е дело на академската скулпторка Весела Стаменова, од Софија, Бугарија. Поставена е на зелената површина во близина на ОСУ „Димитрија Чуповски“.
На спротивната страна на паркот, пред зградата на велешки театар „Јордан Хаџи Константинов Џинот“ се наоѓа локацијата на третата скулптура „ Театарски маски“ која го претставува Велес како град на театарот во неговиот одамна изграден и препознатлив културен идентитет. Скулптурата е дело на академскиот скулптор Никола Ненадиќ од Риека, Република Хрватска. Изработена е од рециклирано старото железо како траен белег на театарското минато, сегашност и идинина на Велес. Уметничкото дело во секој поглед ќе потсетува на театарската уметност која од Џинот до Прличко е длабоко врежана во културниот живот на Велес.
Последната скулптура изработена од старо железо е „ Балерина“ создадена како уметнички израз на академскиот скулптор Павел Василев од Република Бугарија. Скулптурата е поставена во паркот покрај Офицерскиот дом за да потсетува дека во секој миг кога итаме низ денот треба да застанеме барем минута, да ја допреме убавината со поглед и да ја најдеме врската со својата внатрешна, човечка убавина, онаа што ја поседуваме сите.
Петата скулптура, фигура на слободна форма – „Театарска игра“, се наоѓа во паркот под градската Саат кула. Неа ја создаде академскиот скулптор Горан Ѓорев. Извајана од мермер таа ја претставува визијата на авторот за театарската игра, нејзините движења, флуктуации и многуизразност. Ѓорев му подари на Велес парче од својата уметничка душа и се овековечи во историјата на градот на мостовите како еден од уметниците што твореа на Првата скулпторска колонија.
Шестата скулптура, поставена на аголот на поранешната Стоковна куќа, е „Блажена“ изработена од мермер како авторско дело на академскиот скулптор Илко Стојановски од Велес.
– „Блажена“ ја претставува исконската потреба на човештвото кое треба да се развива, да се обновува, исто како природата. Таа е израз на вечната желба да се продолжи човештвото. „Блажена“ е создадена како инспирација на божицата мајка, онаа на која сите и се поклонуваме и на која се обидуваме да и го вратиме сјајот, рече Стојановски.
Меѓународната скулпторска колонија, се одржа од 24 јуни до 7 јули годинава во Велес, во хала на компанијата „Пескара вел“. Неа ја организираше и финансираше Општина Велес . Дел од финансиските средства се обезбедени од Министерството за култура преку проект на Фондација за локален развој и демократија „Фокус“./У.Ј