Ламба стара повеќе векови се продава на градскиот пазар во Велес
Во Македонија постојат голем број неоткриени стари артефакти. Под секој камен на ова парче земја сеуште се кријат многу тајни за животот на луѓето пред повеќе години па и векови. Во потрага по информации поврзани со стари артефакти деновиве на една примитивнa тезга на градското пазариште во Велес сосема случајно откривме убава стара бакарна ламба, висока нешто над дваесет сантиметри и украсена со 12 црвени и зелени камења.
Вештиот мајстор и дал форма на круг во кој осумте зелени камења ги поставил на подеднакво растојание на краевите додека црвените камења поблизу до централниот или средишен дел на ламбата. Таму исто така се наоѓаат и четири округли парчиња лим на кои се изгравирани шест крака, турско или арапско писмо, заедно со бројот 1330 што најверојатно ја означува годината кога била изработена ламбата. Во центарот на кругот е поставен метал, исто така во кружна форма, на која се гледа нечитливо писмо.
Во горниот дел пак, што води кон устието на ламбата има уште два круга, што најверојатно служеле таа да може да се фаќа со рака. Над самото устие се наоѓа капачето, кое се отвара за ламбата да се наполни со гасија. На врвот од капачето постои отвор низ кој може да се спровне фител и да се запали. Така ламбата засветува.
Таа во долниот дел има изработено постоље. Сопственикот ја продаваше ламбата и кога го прашавме како дошол до неа, каде ја нашол или некој му ја продал кусо одговори дека сосема случајно ја здогледал во својата стара куќа. Тој немаше други информации поврзани со изработката или времето кога можеби ламбата била единствената светлина во нечиј дом.
Но, така ја доживеа авторот на овој текст кога сосема случајно ја забележа на тезгата за стари производи кои се продаваат на централниот пазар во градот. Беше изложена во еден пазарен ден во градот. И покрај тоа што е необична ламбата не го привлече вниманието на граѓаните пазарџии./С.А