Со нов проект „Про-книжи го умот“ новинарката Ана Јовковска, во вторник, во Велес
Проектот им овозможува на истакнати уметници, писатели, професори, филмски и театарски режисери да дискутираат на актуелни прашања и теми од нашиот социо-културен живот како и на вечно актуелните теми од човечката цивилизација. „Про-книжи го умот“ го сочинуваат трибини кои имаат патувачки карактер и ќе се одржат во повеќе градови во државата. На нив, годинава, ќе се одбележуваат јубилеи и годишници на култни европски дела и на автори како што се Ерих Фром, Валтер Бенјамин, Џорџ Орвел, Олдоус Хаксли, Мишел Фуко, Жак Лакан и други.
На трибината во Велес, автор на фокус е извонредниот Ерих Фром и неговото култно дело „Да се има или да се биде“ а темата носи наслов „Антиконсумеризмот во ера на продавање брендови и души“. Панелсти се професор Елизабета Шелева, писателка и професор Зоја Бузалковска, театарска режисерка, а модератор е новинарката Ана Јовковска.
Трибината е структуирана во два дела. Првиот дел го сочинува креативниот дијалог и интерактивна дебата помеѓу модераторот, паналистите и публиката. Вториот дел е резервиран за неформална дискусија во духот на европските култури и традиции, придружена со типична музика, традиционална храна и пијалоци од земјата каде потекнува авторот на фокус.
„Визијата на „Про-книжи го умот“ е всушност преку културна репрезентација, дијалог и едукација да се раздвижи културата на дебата и да се потикне активното учество на граѓаните од локалните заедници во градењето на слободно, отворено и креативно општество.“ – вели авторката на концептот, Ана Јпвковска.
Инаку проектот е дел од „Културните приказни“ на Делегација на Европската Унија и ЕУ Инфо центарот во Скопје. Трибината во Велес ќе се одржи во вторник, на 10 мај, на малата сцена во велешкиот театар „Џинот“ со почеток во 19 часот.
Влезот на трибината во Велес е бесплатен и добредојден е секој кој сака да учествува на еден ваков културен настан./Д.С