Во Велес се одржуваат 49 Детски рацинови средби
Деветооделенецот Драган Андреевски од Кавадарци ја доби Гран при наградата на литературниот конкурс за четириесет и деветите Детски рацинови средби. Неговата песна е избрана за најдобра меѓу двеста и четиринаесетте литературни творби кои пристигнале на конкурсот на тема „Мојата татковина“. На ликовниот конкурс, на кој се пријавиле шеесет и осум ликовни творби, највисоката награда ја доби ученичката Моника Јовевска од Пехчево.
– Многу сум среќен што ја добивам оваа според мене најпрестижна литературна награда и таа во иднина ќе ми претставува инспирација за да пишувам и творам многу повеќе но и како да се изразувам во животот, рече Андреевски.
„Оваа награда ќе ме мотивира да продолжам да цртам а како инспирација ми послужи старата архитектура на Велес за која сметам дека е една од најубавите во Македонија, рече Јовевска.
Жири комисијата годинава имала тешка задача, како да ги избере најдобрите од пристигнатите литературни и ликовни творби. Им додели награди на најдобрите кои ги освоија првото, второто и третото место.
„Годинава имавме шест категории, шесто, седмо, осмо и деветто одделение како и прва и втора година. Новитет годинава беше тоа што менторите можеа да учествуваат само со две творби на конкурсот, со тоа се зголеми квалитетот на творбите и затоа имавме многу тешка задача кои да ги избереме, рече координаторката на Детските рацинови средби, Лила Арсова.
Наградените ученици на Детските рацинови средби ќе ги прочитаат своите литературни творби во „Сокачето на поезијата“ пред родната куќа на поетот, а потоа ќе ја посетат изложбата на литературните творби. Во наредниот ден продолжуваат со поетскиот караван во сите основни и средни училишта во градот како и во детската градинка „Димче Мирчев. Четириесет и деветите Детски рацинови средби завршуваат со промоција на книгата на Наум Попевски во ликовниот салон./Д.С