Претставата „Шумата на моето дрво“ со награда за најдобра претстава на фестивал во Романија
Претставата „Шумата на моето дрво“ во продукција на независната театарска компанија „Северно од Импакт“ е добитник на наградата за Најдобра претстава на мала сцена на штотуку завршениот меѓународен театарски фестивал „Бабел“ во Романија.
Режисер на претставата е Александар Ивановски, а во неа настапуваат актерот Васил Зафирчев и композиторот Сашко Костов. Во претставата се користат извадоци од драмски текстови на Сашо Димоски.
„Шумата на моето дрво“ е претстава создадена од звуци, зборови и пулсирачки мускули што ни отвора поглед кон еден нестабилен свет. Таа е ноќна одисеја низ стомакот на една шума која умира, на еден човек што се обидува да најде смисол во својот живот и во својот статус како туѓинец.
Овогодинешното издание на фестивалот „Бабел“ којшто е еден од најголемите фестивали во Романија траеше од 2 до 11 Јуни и беше исклучително богато со претстави од дури 22 земји од целиот свет. Годинава официјалната тема на фестивалската програма беше насловена „Звук“.
Претставата „Шумата на моето дрво“ е реализирана во копродукција со Театарот „Јордан Х.К. Џинот“-Велес, на чија што сцена се одржа премиерата на крајот на април, годинава.
Учеството на фестивалот „Бабел“ е прва изведба на претставата надвор од Македонија.