Submit to FacebookSubmit to Google PlusSubmit to TwitterSubmit to LinkedIn

 

Од голем творечки порив, вредно собран материјал и забележан на 338 страни, во цели две години и посветен на родниот Дебар се состои книгата на просветникот работник Ѓорѓи Илиевски со наслов „Дебар и дебарско низ историјата“. Тоа е дело што на читателот му дава можност да ја прочита историската репортажа составена од историски процеси и промени како што се Османлискиот период, Преродбенското движење, Македонското револуционерно националноослободително движење, како и промените и процесите што се случувале во овој град во западна Македонија. Во него авторот се осврнува на секојдневниот живот на граѓаните, особено на духовниот како и на просветните состојби и на печалбарството како специфично обележје.

- Станува збор за еден синтетички труд за Дебар и дебарската околија што е изработен на специфичен начин, ослободен од строгиот историски пристап и буквалниот историцизам. Меѓутоа се е поткрепено на историска литература и автентична документација при што авторот направил интересен спој на она што значи политика, економија,секојдневен живот, културно и духовно богатство на еден крај. Во таа смисла оваа книга е релативно лесна за читање затоа што дава една комплетна слика за историските процеси на еден крај од крајниот запад на Македонија со што всушност се значајни факти од историјата на Македонија, рече рецензентот Проф. др Ванчо Ѓоргиев раководител на Институтот за историја при Филозофскиот факултет на УКИМ.

Шеесет и пет годишниот автор Ѓорѓи Илиевски откако целиот свој работен век го посветил на образување на деца во градинка и потоа на ученици во основно образование својот потенцијал го насочил и на собирање на вредни податоци, факти и фотографии. Тој неуморно на ова работел цели две години. Сега кога пред себе го има својот прв авторски труд вели дека книгата е остварен порив што во него тлеел долги години како резултат на постојаното залагање за креативноста.

- Книгата ми е посебно драга бидејќи е од историски карактер што јас долги години го чувствував како аманет во душата и придонес како роден дебранец за својот роден крај. Иако јас денес не живеам во Дебар морам да кажам дека постојано сум таму со мислата и душата. Пред да почнам да пишувам на 24 мај 2016 година јас цела една година неуморно работев на собирање на што повеќе материјал. И не беше лесно затоа што од првиот момент целев кон книга кога денеска некој ќе ја чита пред себе да има точни а не измислени податоци. Меѓу другото затоа се што во книгата ќе се прочита е документирано со точни податоци убави, за животот на граѓаните токму во тој крај но и тескобни поради исламизацијата или преселбите од реканскиот крај, рече авторот Ѓорѓи Илиевски.

И токму преселбата на Мијаците од Река во Папрадште и Ореше била пресудна Илиевски промоцијата на книгата „Дебар и дебарско низ историјата“ да ја одржи во градот на Јордан Хаџи Константинов Џинот, на Гемиџиите, на Кочо Рацин, на велешките преродбеници кои дејствувале низ цела Македонија. Посебно поради фактот што Џинот училиште отвора и во Скопје во кое се образуваат ученици од Дебар и дебранскиот крај.

Издавач на книгата на Илиевски е Меѓународниот Центар за Славјанска Просвета во Свети Николе.

- Во нашата издавачка програма освен научна литература потребна за Меѓународниот Славјански Универзитет „ Гаврило Романович Державин“ ние издаваме белетристка и романи поточно се што мислиме дека може да биде интересно. Во конкретниот случај, книгата „Дебар и дебарско низ историјата“ видено низ очите на авторот освен што има историска има и лична природа. Тој ни објаснува како дел од работите лично ги доживеал. Книгата ќе биде дел од издавачкиот опус на Универзитетската библиотека кој цели кон објава на слични тематики, рече претседателот на Управниот Одбор на Славјански Универзитет д-р Јордан Ѓорчев.

Книгата е издадена во тираж од 300 примероци. Промоцијата се одржа во Ликовниот салон во Велес. /У.Ј

Поврзани вести

Web banner Hit Portal Sinalco IceTea 2018 300x250px 01

 

Најново