Со доделување на Рациновите признанија – затворени 55 Рацинови средби
И вечерта на лауреатите на годинешните 55 Рацинови средби се одржа во велешки театар „Јордан Хаџи Константинов Џинот“. Таа беше посветена на добитниците на признанијата што манифестацијата ги доделува и тоа за издадено прозно дело, помеѓу две нејзини изданија, за особен придонес во промоцијата на македонскиот јазик надвор од границите на државата како и за промоција од страна на млади лица на ликот и делото на Кочо Солев Рацин преку пишување на пораки на социјалната мрежа Фејзбук.
Рациновото признание за 2018 година на писателот Игор Станојоски за романот „Диссомнии“, во издание на „Антолог“ му го доделија Градоначалникот на Велес,Аце Коцевски и проф. д-р Христо Петрески член на жири комисијата го доделија престижното Рациново Признание.
Станојоски соопшти дека прв пат учествува на манифестацијата Рацинови средби и вети дека нема да пропушти ниту една од наредните како што рече поради исклучителниот квалитет што го поседува и реномираноста како дома така и надвор од границите на Република Македонија.
– Романот обработува исклучително актуелни општествени случувања како што се обоените револуции, психолошката војна, влијанието на новите облици на пропагандата врз психологијата на поединецот во 21 век, но допира и до сосема други теми и чувствителни точки какви што се последиците од загубата на блиските луѓе, човечноста, неверството, привиденијата, народната демонологија, кревкоста на човечкиот ум и неговата зависност од сонот, рече Станојоски.
Почесното Рациново признание беше доделено на авторките на „ Хрватско – македонскиот речник“ во издание на „Матица Хрватска“ Дијана Влатковиќ и Борјана Прошев Оливер од Хрватска. Признанието им го врачија градоначалникот на Велес, Аце Коцевски, како претседател на Организацискиот одбор на Рациновите средби и проф. Д-р Људмил Спасов, член на Одборот.
Претседателот на жири комисијата на наградата „Антологија на болката за електронска картичка со стихови објавена на социјалната мрежа Фејсбук“ и ја додели наградата на годинешната добитничка Емилија Карафилоска.
Програмата на свеченото затворање на 55 Рацинови средби започна со интерпретација на стихови на актерите на велешки театар Младен Крстевски, Кети Борисовска и Талија Настова музички придружувани од Сашко Костов. Исто така беа прикажани 23 картички од архивата на МАНУ на кои Коста Солев Рацин и ги испратил своите љубовни лирични стихови на Рахилка Фирфова.
55 Рацинови средби ги затвори етно групата „Љубојна“./У.Ј