Во Велес гостува Турски театар со претставата „Слуга на двајца господари“
Режисер на претставата, работена по текст на Карло Голдони, е Јуџел Ертен. Таа се изведува на турски, на албански и на македонски јазик. Во претставата улогите ги толкуваат актерите: Тамер Ибрахим, Несрин Таир, Емине Кадриу, Неат Али, Висар Етеми, Аида Елези, Селпин Керим, Осман Али и Ерман Шабан.
Комедијата говори за љубовта и лебот. Но во овој наш гнил свет на губришта и одпадоци, тешко е да се дојде до љубовта и до лебот. Турчинот Шабан, истовремено им служи на двајца господари, едниот Македонец а другиот Албанец за да заработи некој денар повеќе. Ова е комедија за напорот на истрајните вљубени невини млади карактери: Македонецот, Турчинката, Албанката и Торбешот да бидат со своите сакани. Тогаш, најприродно е концепцијата да се движи во рамките на овие три јазика и фантастична лингвистичка мешавина која опстојува во Македонија. Токму тоа и го направивме, напиша режисерот на претставата, Јуџел Ертан.
– Во оваа верзија која ја подготвивме со Турскиот театар и со Албанскиот театар како копродукција по повод одбележувањето на 65 годишнината од основањето, се водевме од две основни потки: преплетувачките точки на трите јазика, нешто што е невозможно да се најде во други подневја и остриот хумористично – сатиричен јазик на традиционалниот народен театар, пишува Ертен.
Изведбата на претставата „Слуга на двајца господари“ велешани ќе можат да ја проследат во вторник на 22 ноември, со почеток во 20 часот.
Билетите се веќе пуштени во продажба на билетарницата на велешки театар./У.Ј