Во велешки театар гостување на Академијата за танц од Пекинг
Гостите од Кина ќе ја изведат танцовата претстава „Фен Мо“. Претставата е класичен кинески танц инспириран од поговорката „Ако еден сликар користејќи го мастилото може да алудира на петте бои, тогаш тој ја знае есенцијата на сликањето, но никако не смее да се фокусира само на боите, бидејќи ќе се оддалечи од суштината“ од книгата “Записи за сликарството од сите династии” од Јан Јуан Занг од Танг династијата (618-907).
Кореографот низ движењата на танчерите проба да ја оживее уникатната естетска форма на кинеското сликарство. Начинот на кој што мастилото се соединува со оризовата хартија а воедно и неговото разградување во различни нијанси на светло и темно, мокро или суво, пригушено и интензивно, е ист со движењето на телото на танчерот: вдишувањето и издишувањето, во движење или мирно, брзо или споро, качувајќи се или паѓајќи.
Во кореографијата се користат традиционални кинески елементи како „здив“, „штаки“, „коса“, „ракави“, „меч“, „лепеза“, „чадор“ и „фустан“ за да се пренесат чувства на пријателство, тага, огорченост, навреденост, извонредност, опуштеност и љубов во кинескиот спиритуален свет, во кои е содржана есенцијата на кинеската класичност.
Танцовата претстава „ФЕН МО“, чиј продуцент е Пекиншка академија за танц, во Кина,ќе биде изведена, на големата сцена на Театарот „Јордан Х.К-Џинот“, во понеделник, на 22-ри јануари со почеток во 20 часот. Билетите за претставата се веќе во продажба на билетарницата на театарот./У.Ј