Музичкото образование во Велес од Џинот до Гемиџиите
5.04.2020
Богатата музичка традиција во Велес е дел од вековната традиција на велешани и континуитет на севкупното живеење во градот. Првите учители во Велес биле свештеници, калуѓери и калуѓерки, кои во времето на турското владеење започнале да ги подучуваат велешките деца на писменост, но и на основните музички познавања, преставени преку хорско пеење на црковни песни.
Даскал Коте, Илија Зограф, калуѓерката – велешанка Марија Самуркашова, биле првите учители кои се зафатиле со музичко описменување на младите велешани.
Според Живко Фирфов, учителот Пано Даскалот е првиот учител кој во 1830 година ги користел музичките методики, што ги донеле богатите велешки трговци со нивните караваниод патувањата во Виена, Пешта, Будим, Белград, Букурешт, Лајпциг. Како прв учител по музика, Жирфов го споменува даскал Митре, првиот учител на Џинот.
Сепак, името на Јордан Хаџи Константинов Џинот е поврзано со вистинските почетоци на музичкото образование во Велес. Неговото назначување во прцоречкото училиште било настан од посебно значење, бидејќи Џинот бил не само учител , туку и личност со голема општа култура, филозоф, лингвист, фолклорист, етнолог, поет, теоретичар и историчар на музиката.
И познатиот историчар на музиката Коста Манојловиќ, во својот труд ,,Јужна Србија у светлости музике“, покрај наведување на документи од историјата на музиката кај нас во средновековието, го посочува Јордан Хаџи Константинов Џинот, како основоположник на методиката на црковното пеење со добро познавање на неумските знакови, означувањето на интервалското растојание и проблемите на тонска висина . За Џинот се вели дека добро го познавал делото на Јован Кукузел, големиот теоретичар на црковната средновековна музика, според кое и ја ширел музичката култура меѓу младите велешани.
Тодор Мартулков, ученик на Џинот, раскажува за методот на пеење и организирање на курсевите во училиштето на Прцорек. Покрај црковни песни, Џинот на репертоарот на својот хор поставувал и песни со патриотска содржина, како и руски, српски и украински песни. ,,Песна за Суворо“, Песна за Кутузов“, потоа песнии на Глинка, Пушкин, Лермонтов, Державин, Козлов, како и некои народни песни.
Се раскажува дека и Џинот убаво пеел. Според Пандора Рушкова, современик на Џинот, за него исто така била испеана песна што се пеела низ Велес. ,,Песната на Џинот“ е најубав фолклористички документ за велешкиот учител. Содржината и мелодиката говорат многу и докажуваат дека народот го сака и почитува својот учител:
,,Наш учител Ордан,
на коњ си јаваше,
на коњ си јаваше,
песна си пееше:
Татковино моја,
јас сум чедо твое….“
Тодор Мартулков, Милан Ризов, Пандора Рушкова и други ученици на Џинот, во старото училиште на Џинот, кое било спроти зградата на Ангел Весов, (болницата ,,Астаана“), кажуваат дека се пееле песни како ,,Козачка песна“ и ,,Стомболе Горди“. За нив, Павлина Пројчева Хаџи Панзова вели дека ги научила од нејзиниот татко , трговецот Саздо Пројчев, иначе ученик на Џинот.
Џинот бил и страствен собирач на народното фолклорно творештво и етнолошки предмети за кои тој пишувал и во весникот ,,Цариградски весник“. Во број 101, на овој весник, Џинот пишува за историјата на нашата музика и ја споредува со музиката на другите славјански народи. Тој ги споменува сите инструменти кои се употребуваат во славјанската музика како : шпинета, лутија, гитара, хегеда, бијабо, рог, волформ, бубањ, шип, флаута, виола, тромпета што се употребувале и кај нас.
По Џинот, од 1850 до 1880 година, во Велес како учители по музиак се споменуваат Ѓорѓи Милетиќ, Васил Дијамандиев, Константин Илиев, Пенчо Маринов, Стојанка Дудикова, Пандо Велев и други.
Ѓорѓи Милетиќ се споменува како прв организатор на градски хор во Велес кој имал настапи за време на празници во црква и по домовите на богатите велешани, а парите кои се собирани од настапите се делени за сиромашните.
За Васил Дијамандиев се кажува дека се стекнал во високо музичко образование во Русија и бил виртуоз на виолина.
Васил Поповиќ, од Бесарабија, објавил повеќе зборници детски песни. Неговата песна ,, Цвеќе мило, цвеќе красно“ велат дека до денес се пее во градот.
Од 1855 година до Балканските војни, токму училишта биле расадник на музичката дејност. Младите велешани кои учеле и студирале во странство, во своите тетратки секогаш имале забележано песни со револуционерни, социјални и фолклорни мотиви кои се пееле во Велес.
И Гемиџиите имале посебен однос кон музиката и песната. Тие во Солун пееле една посебна песна со која комуницирале на специфичен начин, дури и кога влегле во борба. Песната настанала врз база на песната на познатите ,,Тулумбаџии“, како се нарекувале еврејските пожарникари во Солун.
Тие развиле една песна со која се довикувале и пребројувале кога оделе да гасат пожар.
Младите велешани ја преправиле песната, која во нивна изведба гласела:
,,Иса, Јоса, Иса, Јоса,
Тука ли си Орцико ? ( се мисли на Ордан Попорданов)
Иса, Јоса, Иса, Јоса,
Тука ли си Костико ? (Костадин Кирков)
Иса, Јоса, Иса, Јоса,
Тука ли си Илико ? ( Илија Трчков)…“
Тоа бил ,,тајниот говор“ на Гемиџиите со кој се служеле и пееле во Солун и во Велес. Исто така младите велешани ја пееле и ,,Налеј, налеј“, песна која потоа била пеана во Париз и во Солун и исто како и во Велес била симбол на младешкиот непокор. Гемиџиите пееле, се бореле и умирале.
По илинденскиот период, според Фирфов, тетратките на учениците и ученичките во Велес биле полни со стихови со револуционерна содржина, а се пееле песни за борците, за востанието, со патриотска и борбена содржина. На народните собири, семејни веселби, венчавки, училишни и други свечености се пееле песни кои го отсликувале револуционерниот дух и желбата за слобода. Така е останато во Велес и денес. Се пеат новокомпонирани, но не се забораваат и старите, добри народни песни кои сеуште се популарни.
Некои од нив се препејуваат, се модернизираат, но во основа остануваат велешки, револуционерни. Во чест на велешаните кои себе си се нарекле ,,Гемиџии“ е препеана една стара, подзаборавена песна:
Пушти го коработ ле гемиџиче
Пушти го коработ ле гемиџиче,
пушти го коработ
низ реката Вардар,
Вардар македонски.
Момци да заминат ле мила мајко,
момци да заминат,
до Солуна града,
момци гемиџии.
Тие ќе си одат ле мила мајко,
солунското поле,
јуручката земја,
земја македонска
Тие ќе си сакат ле мила мајко,
стара татковина,
стара татковина,
древна македонска.
Пушти го коработ ле гемиџиче,
момци да заминат,
до Солуна града,
момци гемиџии.
Велес бил, е и останува засекогаш Велес. Градот имал, има и ќе има добри музичари, револуционери и борци. Сега треба да се избориме со коронавирусот, но не треба да заборавиме и на песната, на велешката староградска песна која се пеела и кога велешани војувале. И за крај, она рациновото „Ќе победиме“, нека биде мотото со кое ќе живееме, ќе пееме, ќе се бориме и ќе опстоиме.
Ве поздравува и Ви посакува да истраете, да бидете горди велешани,
Вашиот
Љупчо Данов