Млади велешки поетеси читаа поезија посветена на Рацин на промоцијата на збирката „Слушни ја тишината“
27.09.2020
Во „Сокачето на поезијата“ и токму пред домот на Коста Солев Рацин, како дел од годинешните 57 Рацинови средби, вчера доцна попладне, беше промовирана збирката поезија на млади поети од земјава „Слушни ја тишината“. За стихозбирката што ја издаде Агенцијата за млади и спорт во 2019, промоторитеа проф. др Христо Петрески и проф. др Кристина Николовска истакнаа дека токму младите се иднината на Рациновите средби и на македонската поезија.
-Јас лани говорев дека многу повеќе треба да правиме за младите и затоа голема е радоста и среќата што Рациновите средби тоа го прават. Тоа го правевме со Детските рацинови средби, но таа поезија завршуваше со завршување на основно образование. Но, затоа со овој проект на Агенцијата за млади и спорт некако спонтано и со наши големо залагање на членовите на жири комисијата донесовме одлука во рамките на Рацинови средби да се промовира овој проект со кој ќе се промовира поезијата на млади од 15 до 29 години. Со тоа правиме нишка меѓу децатa и возрасните, нема возрасни писатели без млади писатели и нема творечка и креативна обнова и ако ние не мислиме за оние млади што се зад нас, додаде Петрески.
– Насловот на стихозбирката „Слушни ја тишината“ можеби се и тишините на Анте Поповски, на Конески, на Мисирков, ама тие, најубавите филозофски, пишани во кои тишината секогаш им претходи на големите настани и потоа доаѓа главното дело. Најголемата епохална фигура во нашиот 20 век е роден тука во Велес и затоа се поклонувам на тоа место и му благодарам што ги инспирираше овие млади поети. Нема подобар пример и патоказ од Рацин затоа што тој ни покажа како да ги победиме болестите на духот и општеството и на неправдите. Беше извонредно прогресивен и затоа Рацин е поет на иднината, Рацин е наш и завет на светот. Ние, тој Рацин, мора да го чуваме како најдрагоцено богатство, а ова е пример како тој да се негува. Освен што неговите стихови ги има на фасадите во Велес, најважно е што Рацин е дел од сите нас, од нашата крв и имунитет и затоа со години да го славиме Рацин, додаде Николовска.
И кога во еден момент разгласот наместо да овозможи да се слушне поезија посветена нему пренесе тонови на отчукување, Николовска, додаде дека тоа е момент на звук на срцето на Рацин, кое е присутно кога се слави неговиот лик и дело.
Во „Сокачето на поезијата“ вчера доцна попладне свои стихови за Коста Солев Рацин прочитаа млади велешки поети Кристина и Наталија Купенкови, Валерија и Анастасија Ѓорѓиеви и Вероника Саздова, сите членови на подмладокот на Клуб на писатели „Кочо Рацин“ Велес./У.Ј