Submit to FacebookSubmit to Google PlusSubmit to TwitterSubmit to LinkedIn

По последната сеча на дрва од страна на ШС „Бабуна“ затрупана е пешачката патека од село Нежилово до планинарски дом Чеплес на планината Јакупица. Според планинари кои деновиве не можеле да пешачат поради исечените и оставени дрвја и гранки гледката што ја фотографирале била само на почетокот на патеката. Тие бараат исечените дрвја и гранки што поскоро да ги извлечат шумарските работници.

- Исечените дрвја секако дека ќе ги соберат и изнесат. Ние бараме истото да го сторат и со исечените гранки. Ако ги остават исечените гранки нема во целост да ја ослободат пешачката патека. Тоа за планинарите нема да биде безбеден начин за движење по оваа патека која ја именувавме како скратена од Нежилово кон Чеплес. Исто така ние немаме алат и пари за да ангажираме лица за расчистување на патеката, рече планинарот Тодорче Ѓоргиев.

Директорката на ШС „Бабуна, Љубинка Попова рече дека точно знае за кој дел од сечата на Jакупица зборуваат планинарите.

- Тоа е планинарска патека што се наоѓа на локацијата „Чеплеска река“. Таму имаше сеча на дрвја и гранки. Од понеделник шумарските работници ќе почнат да расчистуваат. Тоа не е голем дел од патеката, рече Попова.

Оваа планинарска патека е само една од осумте на планината Јакупица и Даутица што многу често ја користат граѓаните за пешачење поради тоа што по неа најбрзо се стигнува до планинарскиот дом Чеплес. Таа според планинарите е најкратка, околу 6 километри, во споредба со останатите одбележани патеки на оваа планина во општина Чашка./У.Ј

Поврзани вести

 

Најново