Градоначалникот Бешовски: За инвеститорите поволни услови и за младите поддршка за домување
Општина Градско, по само две години од работата на актуелната локална власт, е извлечена од живиот песок, од долговите во кои беше заглавена до гуша, вработува и на нејзината територија се реализираат проекти од кои бенефит имаат сите граѓани. Вака го започна своето обраќање на свечената седница по повод Денот на Општина Градско, градоначалникот Роберт Бешовски.
Пред присутните гости и граѓани на локалната заедница, на одбележувањето на 23 годишнината од формирањето на општината беше презентиран видео материјал. Градоначалникот констатираше дека Општина Градско е на правт пат од мала и рурална општина да расне во локална заедница во која се утврдуваат граѓански приоритети и се остваруваат резултати кои се поттикнати од приоритетните потреби на жителите како во административниот центар така и во населените места.
– Денес сè што ветив, а и многу повеќе од тоа, е остварено. Она што морам да го споделам со Вас е фактот дека во новата 2020 година Општина Градско влегува со одблокирана сметка, без утужени долгови, но со големи планови. Излеговме од тунелот во кој не се гледаше зрак светлина.Од 700.000 евра наследен долг вративме 500.000 евра. Ние сме Општина која враќа стари долгови и гради како резултат на нови проекти. Знаеме дека не е лесно. После она што го направивме, што беше речиси и невозможно со блокирана сметка, од нас се очекува уште повеќе. И бидејќи сме луѓе од збор и го остваруваме ветеното убеден сум дека на почетокот на следната година ќе бидат завршени веќе започнатите проекти: Откупен центар за земјоделски производи и Реконструкција на локалниот пат Долно Чичево – Градско. Објект кој е под заштита на Заводот за културно наследство на територијата на општина Градско е Манастирот „Св.Архангел Михаил“. Но заради лошиот пристап, манастирот не е доволно посетен. Затоа вгодина ќе се доградат и останатите 1.300 метри од локалниот пат Горно Чичево –Манастир и хортикултурно ќе се уреди манастирскиот двор. Со благослов на неговото Високопреосвештенство Митрополитот повардарски Господин Агатангел ќе се гради Соборна црква во централното подрачје на Градско која ќе го носи името на Свети Апостол Павле, рече Бешовски.
Градоначалникот додаде дека е отпочната постапката за реализација на важни проекти за развој на Градско како што се изработка на урбанистички планови за инфраструктурно уредување на Индустриска зона и зоната за домување.
– Секој инвеститор што ќе сака да ја искористи поволната положба на општина Градско за изградба на индустриски капацитет ќе наиде на многу поволни услови. Исто така и младите што ќе сакаат да го решат своето станбено прашање со зоната за домување ќе можат да го сторат тоа, додаде Бешовски.
Општина Градско како свој врверн приоритет за развој на туристичките потенцијали го одреди Езеро Подлес. Таму инвестициите ќе овозможат поврзување на летниковците на езерскиот брег со пристапни патеки, со поставување на урбана опрема – соларно осветлување, канти за отпадоци и ќе се гради и асфалтира главната улицата во селото Подлес со што ќе се направи лесно пристапна туристичката дестинација за љубителите на еколошки чиста и здрава средина, како од општината така и за сите добронамерни гости. Градоначалникот најави реализација на инфраструктурни проекти кои освен полесен пристап ќе ја подигнат на повисоко ниво здравствената состојба на граѓаните.
– Со изградбата на фекалната канализација во населба Градско стопанство во 2020 година, не решаваме само инфраструктурен туку и здравствен проблем, затоа што ќе се надминат потенцијалните извори на заразни болести. Следната година следи реализација и на проектот за проширување на гробиштата во Градско на четири катастарски парцели со што и вечното почивалиште на нашите сограѓани ќе биде достоинствено како што доликува на една современа урбана населба, рече Бешовски.
Партнерството со бизнис заедницата и воспоставената добра соработка со компаниите кои работат во општината ,во изминатите две години, даде резулти со многу позитивни примери на донации и помош на општината.
– Ќе продолжиме да ги негуваме воспоставените добри односи со стопанствениците,чија покажана општествена одговорност, е од суштествено значење за граѓаните на општината. Во оваа прилика сакам да изразам благодарност на компанијата Дрекслермаер која го одобри нашето барање за изградба на две нови модерни автобуски постојки во централното подрачје на Градско што ќе се реализираат наредниот месец и донацијата на едно комби возило прилагодено за лица со посебни потреби на граѓанското здружение „Надеж“ од Градско. Од месец февруари 2020 година со ова возило многу ќе се подобри мобилноста на лицата со инвалидност и задоволување на нивните потреби како во општината така и во поголемите центри, рече Бешовски.
Градоначалникот, исто така, го најави проектот за разубавување на новоизграденото шеталиште спроти новиот отворен парк во центарот на Градско каде е предвидена изградба на модерна фонтана и поставување на уметничка инсталација од шарени чадори за што општината обезбеди финансиски средства.
Во 2020 година општината предвиде изградбата на улици и патишта и тоа во населбата Градско, улиците Илинденска, Панко Брашнаров и кракот од улицата Александар Македонски до бензиската пума. Ќе се градат улици и во населените места Ногаевци и Кочилари додека во Виничани крак на улица во центарот, мостот и патот до населба Лакитеи. До крајот на месец декември, годинава, повторно ќе започне со работа амбулантата во Виничани со почетно доаѓање на лекар двапати неделно.
– Во оваа пригода сакам да известам дека општина Градско отпочна постапка за измена и дополна на Урбанистичкиот план на Градско за да овозможи влегување на нова инвестиција од страна во Агрокомбинатот „Вардар Градско“. Новиот пратнер ќе вложи 10 милиони евра за изградба на Биогасна централа за производство на електрична енергија со капацитет од 3 мегавати и воедно топлинска енергија, рече Бешовски.
Во врвните приоритети за наредната година Градоначалниот ја вброи и определената парцелата во паркот на Железничката станица каде е за изграпланирана изградба на Музејска зграда чии форма и лик ќе го имаат идејното решение на старата срушена железничка станица во Градско во 1944 година.
Општината за најдобар просветен работник годинава ја прогласи наставничката Милка Петкова, за најдобар студент Сара Рибарска, за најдобар ученик во средно училште Никола Трајановски и во основно училште Тамара Иванова. Благодарници добија Тони Илиќ и Дончо Николовски крводартели со над сто крводарувања како и Благојка Климкарова, за посветен и долгогодишен просветен работник./У.Ј