Повеќе новитети од „Кожувчанка“
Кавадаречката компанија „Кожувчанка“ секогаш ги следи светските трендови и ги имплементира истите во своето работење. Токму новините кои се дел од инвестициите за годинава денеска беа претставени на прес конференција во Стопанската комора на Македонија.
„Изминатата година за Кожувчанка ДОО беше многу успешна, со исто толку многу успешни реализирани проекти, посебно за сите свои брендови“ рече Ратко Мицев, раководител на секторот за унапредување на продажба.
Тој нагласи дека „Изворска“ е широко прифатена природна изворска вода, пакувана во еко амбалажа. Сега истата ќе биде обележувана со ласер, кое комплетно ќе го замени мастилото, бидејќи истото тешко се разградувало при рециклирање.
„Првично овој начин на обележување ќе биде наменет за Изворска, а потоа истиот ќе се имплементира и на амбалажата на минералната вода Кожувчанка. Оваа технологија се применува за прв пат во Македонија, а инвестицијата чини 40 илјади евра“ рече Мицев.
Раководителот на секторот за унапредување на продажбата ја потенцира инвестицијата од 200 илјади евра за производство на пиво.
„Овој систем, свежо пиво директно од пиварница, во светот е стандард на практикување при точење на пиво, а во Македонија сега консументите ќе имаат можност за прв пат да уживаат во квалитетот на свежото Македонско пиво“ рече Мицев. Тој информира дека ладниот чај на Синалко одсега е во нова амбалажа, за што се инвестирани 60 илјади евра.
„Ледените чаеви од асортиманот на газирани пијалаци на Синалко и со овој проект Македонија е прва во светот на консументи на Синалко пијалаците, која ужива во новата амбалажа промовирана од нашата музичка ѕвезда Каролина Гочева. Синалко газираните пијалаци, поточно, кола и оранж од ова лето може да се консумираат и во лименка од 0,33 л“ додаде Мицев.
Ваквиот потек за водедување на лименки, како што рекоа од Кожувчанка е со цел да се задоволат потребите и барањата на консументите на нивните производи.
Производството на вино ќе биде следна поголема инвестиција на „Кожувчанка“, а во моментов се гради магацински простор во кругот на фабриката во Кавадарци.
Јелисавета Георгиевска од Стопанската комора на Македонија нагласи дека Стопанска комора е посебно горда на својата членка „Кожувчанка“ бидејќи и во овој период на предизвици не запираат со инвестиции, кои се од големо значење за македонската економија./А.Д