За состојбите во кавадаречкото јавно здравство, деновиве се препукуваа локалната опозиција и власт
Во изминатиот период голем е бројот на лекари кои го напуштија Кавадарци и заминаа по европските држави за поголема плата и можности да ја градат својата докторска кариера. Не е за потценување ниту бројката на општи лекари. Дел од нив го напуштија градот и работат во приватните болници во земјава а дел заминаа на работа во Германија.
И покрај ваквата состојба со кадарот власта вети нова медицинска опрема за потребите на јавните здравствени организации во градот. Дел од неа, вредна 900 илјади евра, ќе добие болницата. Така рече министерот за здравство Никола Тодоров најавувајќи дека кавадаречката болница ќе прераснела во мини ургентен центар. И тоа ја збуни јавноста. Кавадарчани се прашуваат кои лекари ќе работат во болницата кога истата се соочува со недостаток на кадар за статусот кој сега го има, а не пак да работи со проширени надлежности.
Лекарите со кои разговаравме велат дека не се задоволни од платите кои ги земаат, бидејќи се изложени на секојдневен стрес со цел да спасат нечиј живот. И градоначалникот на Кавадарци, Александар Панов смета дека платите на докторите во јавното здравство се ниски. Од опозициската СДСМ пак стигнаа најави за повисоки лекарски плати доколку ја добијат подршката од граѓаните, но и високо квалитетни услуги за македонските граѓани во јавното здравство.
За ваквите ветувања на опозицијата министерот за здравство Никола Тодоров од Кавадарци рече дека се некредибилни.
– Опозицијата е јака на вилица, тоа добро го знаеме. Секогаш знаат да ветат нешто, а никогаш тоа не го реализирале. Најдобар одговор на тоа е да се запрашаме: Дали некогаш претходно ги покачиле платите? Имале можност, биле во позиција да управуваат и со Министерството за здравство и со Владата и никогаш не ги покачиле платите на лекарите. Напротив, спротивно на тоа што они го зборуваат ние веќе сме го направиле. За 25 % се покачени платите и на докторите во Клиничкиот центар во Скопје и на докторите во сите општи болници . Покачена е платата и на специјалистите во Здравствените домови и на докторите во Итната медицинска помош, рече Тододров.
Тој нагласи дека во моментов лекар специјалист кој работи во болница во Македонија добива помеѓу 50 и 60.000 денари и за да се направи разлика треба само да се спореди платата што овој кадар ја добивал со времето кога СДСМ биле на власт.
На ваквите изјави на министерот Тодоров реагираше Општинската организација на СДСМ во Кавадарци од каде предупредија дека на лагите и лицемерието на НиколаГруевски и Никола Тодоров нема крај.
– За да ги заштитиме, за да ги задржиме лекарите и медицинскиот персонал во јавното здравство, за да го спречиме големиот одлив и во приватното здравство и во странство СДСМ ќе ги зголеми платите и на лекарите и на целиот медицински персонал. Така ќе се овозможи добра здравствена заштита, квалитетна здравствена услуга за секој граѓанин во Република Македонија. Само на таков начин ќе добиеме јавно здравство кое што ќе лекува. Само на таков начин граѓаните на Република Македонија, ќе се одлучат за живот дома,во татковината, велат од ОО на СДСМ.
Ангел Данов