Се закрои виновата лоза – се упатија молитви за богат род
Со благослов за родна година и квалитетно грозје денеска се изврши симболично закројување на виновата лоза. Лозарите уште во утринските часови ги посетија своите насади за да го извршат овој обред кој со векови се негува во Тиквешијата на празникот Свети Трифун.
Во храмот Свети Димитрија и годинава се закрои црковната лоза. Претходеше литургија од тројца владици, Агатангел, Иларион и Тимотеј. Тие упатија молитви лозјата да дадат квалитетен род.
„Заеднички со народот присутен во црквата се помоливме да нашиот спасител Исус Христос, по молитвите на Свети Трифун да имеме бериќетна година. Навреме да има дожд, сонце, лозјата да бидат здрави и плодни. Како што велат нашите дедовци и прадедовци бочвите да бидат полни“ рече Митрополитот на Повардарската Епархија, г. Агатангел.
Честитка до лозарите упати и градоначалникот на Кавадарци, Александар Панов.
“Оваа година да биде подобра од минатата односно од сите лоши години кои поминале. Нашите молитви да ни ги сослуша господ и да ни даде една благосостојба во лозарството и винарството и винариите навреме да го исплаќаат откупениот род“
Во чест на Свети Трифун се закројуваше и на градскиот плоштад во Кавадарци. Таму на импровизирани лози закроија градоначалникот Панов, претседателката на советот Горица Пеливанова-Вилхелм и пратеничката д-р Весна Пемова. Ученици од СОЗШУ „Ѓорече Петров“ изведоа драматургија за Свети Трифун.
„Минатата година се произведоа 150 милиони килограми винско грозје. Откуп вршеа 52 винарии од 75 регистрирани. Исплатени се суббвенциите за 2016 година на 10 илјади лозари од вкупно 17 уилјади“ изјави во Кавадарци министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Михаил Цветков. Тој информира дека до почетокот на февруари визбите исплатиле 46% од предвидените пари за втората рата, а сите кои нема да го исплатат грозјето до крајот на април нема да добијат лиценца за откуп годинава.
Честитајќи им го празникот на лозарите, Свети Трифун од ОО на СДСМ Кавадарци порачаа никогаш да не се повторела катастрофата која ги снајде лозарите во 2016 година, бидеји тоа била и најтешка година во изминативе 30 години за лозарите.
„Винарските визби одбија да го откупат родот на лозарите под изговор дека имаат вишок на грозје и проблем со пласманот на виното. Владата наместо да им помогне на лозарите, како во секоја европска земја, ги субвенционираше визбите со 3 денари по килограм грозје, мерка што не донесе скоро никаков резултат. Лозарите изминатата година беа измамени и оставени на цедило. Нивниот труд и мака останаа залудни. Ќе кажеме само едно. Веќе никогаш да не се повтори ваква власт.Лозарите веќе никогаш нема да бидат оставени на цедило. Државата ќе биде таа која, доколку има вишок на грозје кое нема да се откупи, ќе интервенира и ќе го откупи грозјето. Во Планот за Живот во Македонија, предвидени се 6 милиони евра годишно како интервентен фонд за подршка на пласманот“ рече претседателот на ОО на СДСМ, Зоран Ѓорѓиев нагласувајќи дека во иднина лозарите ќе ја знаат откупната цена неколку месеци пред откупот на грозјето.
Ангел Данов