Апел до земјоделците: Кога наводнувате подалеку од далеководите
Земјоделците од Тиквешијата кои ги наводнуваат своите површини да бидат внимателни кога во близина на површината која ја наводнуваат има далековод – апелираа денеска од МЕПСО АД.
Портпаролот на оваа компанија, Никола Стојанов, нагласи дека сите земјоделци во сезоната на наводнување мора да бидат внимателни додека ракуваат со опремата за наводнување и со земјоделската механизација и додатна опрема во близина на далеководи од преносната електро мрежа.
„Одбегнувајте да поминувате со земјоделска механизација под трасите на далеководите од преносната мрежа и во нивните безбедносни коридори. Никогаш не поставувајте системи за наводнување под проводните јажиња од далеководните траси. Исто така немојте да ги кревате во височина металните цевки од системите за наводнување во далеководите и немојте да палите стрништа во близина на столбовите“ рече Стојанов, нагласувајќи дека со голема внимателност земјоделците ќе приодонесат за поголема безбедност по својот живот како и по животите на сите кои се наоѓаат во близина.
Доколку биде предизвикана штета по имотот на МЕПСО, велат од компанијата, ќе бидат превземени сите потребни мерки и активности за да се заштити имотот./А.Д