Лозарите бараат помош од државата за да си ги наплатат парите од визбите
Стотина лозари денеска протестираа пред портите на „Стефанс винарија“ во Кавадарци. Велат, ги напушта трпението, бидејќи сеуште не им се исплатени парите за грозјето што го продале на оваа винарија во 2015 година. Нивните пресметки велат дека визбата на лозарите им должи околу 1 милион евра. Бараат владата и министерот за земјоделство активно да се вклучат во решавањето на овој проблем, бидејќи и други винарии им должат.
„ Од 2010 наваму ни се случуваат вакви проблеми. Сакаме винскиот сектор да се среди. Сакаме законот за вино донесен од претходната власт да се смени. Еве до каде не донесе. Една од тие фирми е и винаријата Стефани. Сега не знаеме од кого да наплатиме. Ги собрав документите од сите лозари кои имаат побарување од оваа винарија и ги однесов во Држабвниот инспекторат. Од таму креваат раце. Кога тие креваат раце, што да правиме самите ние. Бараме под итно министерот за земјоделство да дојде да разговараме како понатаму за да не блокираме патишта.“ рече Трајче Кулев кој е иницијатор за формирање на ново здружение кое ќе ги застапува интересите на лозаропроизводителите од кавадаречко.
Нему винарската визба му должи 2500 евра за грозјето од 2015 година, а според неговите пресметки долгот кон сите лозари бил сигурно еден милион евра.
„Една визба од 20 милиони евра внатре да не може да исплати еден милион евра на лозарите?! Срамно е и греота е ова. Партиски не сме определени. Ова овде е мафија. Мора да се укине“ додава Кулев.
На прашањето зошто досега не протесираа тој одговори дека претходно немале вистинско здружение кое ќе се грижи за нивните проблеми. Според него лозарите биле доведени до овде поради претходниот лидер на лозарите Љупчо Аризанов, кој бил партиски определен.
Лозарите се сомневаат во нечесни игри во винскиот бизнис, бидејќи секоја година има по една винарија која останува должна кон лозарите.
„Имав предадено грозје за 150 илјади денари. Ми исплатија само 45 илјади денари. Поднесовме тужби. Владата да се вклучи и да го најде кривецот“ рече Драган Муреџев.
„
Му дадов 200 тони грозје. Платени ми се само 30 тони. Имам за земање 30 илјади евра од оваа винарија за 2015 година. Поднесовме тужба малку подоцна бидејќи стравувавме дека ќе нема да ни го примат понатаму грозјето. Кога одевме да прашаме кога ќе ни се плати беа многу културни. Не примаа. Знаат добро да не обработат“ нагласи Златан Стојчев од селото Сопот кој е сопственик на 300 декари лозов насад и секоја година се соочува со проблеми да си ги наплати заработените пари.
И Дане Јошев од Кавадарци е еден од многуте кои си ги чакаат парите.
„Во 2015 донесов грозје и имам за земање уште 70 илјади денари. Од Повардарие 100 илјади денари. Секоја година по една винарија игра ново оро. Се по една винарија излегува да ги зезне лозарите. Се` распродадоа од винаријата. И виното го изнесоа. Го носат во некоја визба во Валандово. Сопственичката на винаријата Петра,ни ветуваше дека ќе ни ги исплати грозјето по смената на власта. Кога ќе дошле СДСМ ќе и даделе поволен кредит за да таа го исплати долгот кон лозарите, но до тоа не дојде туку ја распродаде винаријата“ рече Јошев.
Лозарите се децидни, ќе протестираат се додека не се сретнат со министерот за земјоделство и не започнело вистинското решавање на проблемот. На протестот на лозарите пред портите на винаријата беше и сопственикот на објектите на винаријата. Тој не сакаше да даде изјава во камера, но нагласи дека тој ги купил само објектите и нема никаква допирна точка со долгот на лозарите, бидејќи фирмата што го купила грозјето е сеуште активна.
Aнгел Данов