За помалку од еден месец кавадаречки Фени продолжува со работа
Сите вработени остануваат на работа во кавадаречкиот комбинат за производство на феро никел „Фени индустри“. Комбинатот е даден под наем со одлука на одборот на доверители и се очекува негово почнување повторно со работа за помалку од еден месец. Склучен е договор со швајцарското друштво GSOL за преработка на никелова руда за што ќе се исплаќа месечен надомест од 1.200.000 евра.
Одлуката на одборот на доверители била едногласно донесена на 30 јануари со цел производствените капацитети, кои влегуваат во стечајната маса, да ги заштити од натамошно пропаѓање и намалување на нивната вредност.
Од GSOL најавуваат дека ќе влезат во фабриката следната недела, а со производство ќе почнат за две-три недели, време што им било потребно за набавка на руда. Платите за вработените и другите трошоци за работење на фабриката ќе се покриваат со средствата од наемнината.
Во исто време со рестартирањето на фабриката ќе тече и стечајната постапка. Следното рочиште е закажано в среда во судот во Велес.
Трајче Пејовски, претседател на Здружението на транспортери од Кавадарци кои превезуваа руда за Фени,вели дека нема да соработуваат со фабриката се додека не им се исплати долгот во целост.
За дел од вработените, транспортерите и доверители не е прифатлива одлуката за давање под закуп на комбинатот. Тие сметаат дека сите оние заинтересирани компании за влез ќе се повлечат и нема да сакаат да инвестираат и дека нема да дозволат, закупец кој нема да инвестира и во секој момент кога ќе одлучи да го напушти Фени индустри.
Исто така вработените сметаат дека со закупот, ќе се одложи и плаќањето на долговите кон доверителите за неодредено време а со консултацијата која ја имале со правни експерти им било речено дека давањето под закуп на Фени индустри било незаконско, посебно со одлука на одбор на доверители во кој членови биле банките./A.Д