Лозарите најавија протест ако не добијат ланска цена на грозјето
Лозарите од тиквешијата најавија протести и граѓанска непослушност ако до среда не добијат цена за гројето која ја бараат. Тие бараат најниска загарантирана цена не пониска од 8 денари за винското грозје или за вранец до шеќерност од 18 % цената да биде 13 денари за килограм, плус 4 денари субвенции од државата. За смедеревката да се плаќаат 11 денари за 17% шеќерност и субвенции од 4 денари од државата.
„Имаме уште два дена од рокот што го дадовме за средба со министерот за земјоделство. Потоа излегуваме на протести и граѓанска непослушност. Имаме поддршка од лозарите од целиот регион и од Валандово. После среда сите кавадарчани ги молам, клекнувам на колена, да излезат на протест. Ваква прилика никогаш нема повеќе да имате. Да дојдете со жените и децата.“ повика претседателот на здружението Златан Стојчев.
Од здружението „Напредни лозари“ пак велат дека за утре е закажан состанок на кој ќе се разговара за откупната цена на грозјето. Претседателот на ова здружение, Трајче Кулев изјави дека ќе го почекаат исходот од средбата со премиерот.
„Овие цени што ги објави Тиквеш се срамни. За еден лозар е понижувачки. Една винарска визба да објави цени кои тие цени ја рушат и цената за грозјето доколку го продадеме и на други приватни купувачи. Кој е Тиквеш да ми кажува по која цена ќе го продавам јас моето грозје кое сум го произвел. Ова е монопол и мора да се сокине еднаш за секогаш“ – изјави Кулев.
Во меѓувреме лозарите се на крстопат, дали да го берат грозјето и каде би го продале. Од најголемата винарија во земјава „Тиквеш“ преку соопштение ги правдаат објавените цени со проблемите кои ги предизвикала корона кризата на светскиот пазар со вино./А.Д