Лозарите ќе добијат 4 денари од државата за винското грозје
9.09.2020
Дваипол часа траеше состанокот на владиниот тим предводен од премиерот Зоран Заев вчера со лозарите во Кавадарци. Беше заклучено дека државата ќе даде 4 денари за вранецот и смедеревката како дополнителна субвенција и по два денари за килограм од високо квалитетните сорти на грозје. На состанокот, владиниот тим на откупувачите им понудил и нова стимулативна мерка за извоз на винско грозје.
„Ако се откупат 12 милиони килограми сите заедно ќе добијат 2 денари субвенција , ако се откупени и извезени надвор од државата помеѓу 12 и 25 милиони килограми, ќе добијат 3 денари. Ако откупат повеќе од 25 млн килограми ќе добијат 4 денари. Целта е да се стимулира и да се извезат залихите. Верувам на тој начин ќе ги избалансираме работите“ рече премиерот Заев по завршувањето на состанокот.
Тој нагласи дека понудените мерки од владата до лозарите се неповторлива можност и дополнителна шанса да се помогне на производителите на винско грозје, кога ковидот создаде проблеми, но проблематичен е и квалитетот на грозјето поради болести.
„Дополнително субвенции ќе дадеме и за трошоците за транспорт на вино. Испраќам сериозен апел до визбите кои беа на состанокот и дадоа збор да си останат на 11 денари за вранец и 9 за смедеревката. Државата дополнително со 4 денари ќе си ја заврши работата. До крајот на годината ќе исплатиме по 2 денари, а останатите 2 денари наредната година со редовната исплата на субвенциите. Ќе разговарам со менаџментот на „Тиквеш“ да изнајдеме решение, затоа што треба сите заедно да ја пребродиме оваа криза. Најголемата визба е во ред да повлече и најголем товар“ изјави Заев.
Различно е задоволството од решението што го понуди владата. Здружението „Тиквешки лозароовоштари“ бараат повисока цена од ланската и не се задоволни од понуденото. Спротивно од нив, од здружението „Напредни лозари“ изјавија дека предлогот е коректен и дека ќе им се помогне на лозарите во откупните цени.
Градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев, кој исто така беше на состоанокот рече дека годинава е лоша и во поглед на квалитетот на грозјето, па според него предложената поддршка од државата ќе им помогне на лозарите да не останат со ниските цени кои ќе ги плаќаат визбите за откуп на грозјето./А.Д