Ташнар Ѓоре: „Тажно ќе биде и за нас и за градот ако дозволи да изумре и ташнарскиот занает.“
Благој Крајчев со синот Ѓоре повеќе од пет децении во Велес се најпознати и најдобри производители на женски ташни. Мајстор Благој занаетот го научил од познат мајстор во старата велешка сарачка чаршија и првично покажал што умее како работник во старата велешка фирма „Работник“. Неговата креативност го донела и до директорското место. Тоа што го умеел несебично го споделил на останатите вработени меѓу кои бил и Ашикот. По десетина години мајстор Благој бил повикан да работи во крзнарската индустрија „Димко Митрев“ каде што останал се до 1968 година. Наредната година, кога тогашната власт дозволила, Благој отвара приватен дуќан со работилница во градот веднаш до фурната на Тевчеви, на главната улица, од спротивната страна на поранешната стоковна куќа „Нама“.
Произведените модерни женски ташни не ги купувале само велешанки туку и прилепчанки, кавадарчанки, штипјанки и скопјанки. Кога тогашната градска власт на местото на ташнарскиот дуќан и работилницата, одлучила да гради кино и станбени згради во Велес, на Благоја му дала дуќан на десната страна на Новиот мост, сегашен Гемиџии. И таму вредниот ташнар продолжил со работата, чиј обем од година во година се зголемувал, по што неговиот син Ѓоре одлучил да премине на работа од велешката Туланица во дуќанот на татко му. Занаетот му бил познат зашто од дете чиракувал и му помагал на татко му па така не му било тешко брзо да ги совлада тајните на ташнарскиот занает.
„ Почнавме секоја седмица да вадиме по неколку нови модели на женски ташни. Побарувачката многу ни се зголеми. Покрај мене и татко ми, во работата, ни помагаше и мајка Ристана. Бевме единствени производители во Велес. Ашикот и Бошко Пишијата правеа училишни торби, а ние покрај ташни правевме и куфери. Се научив од татко ми Благој. Кога дојде време да полагам мајсторски испит излегов пред комисија составена од познати мајстори во Скопјe. Положив без проблеми и продолжив да работам со татко се до 1989 година. Тој не можеше повеќе. Почина во 1991 година“, рече мајстор Ѓоре деновиве кога седнавме да помуабетиме за добрите стари времиња во Велес.
Тој полека се присетуваше на своето и минатото на семејството. Јас го слушав и го потпрашував. Мајстор Ѓоре продолжи да раскажува како за да произведе поубаво дизајнирани кожни ташни и други производи од кожа инвестирал во три нови машини. Ангажирал тројца мајстори и тројца калфи од Скопје. Toj ги моделирал и кроел а мајсторите и калфите ги шиеле. Бидејќи често патувал во Загреб, Белград, Солун, Софија и во други градови следел што таму е модерно и купувал примероци на кожни и скајени ташни кои ги носел во Велес за да ги видат неговите работници. Тие им давале инспирација за наредното производство што почнале да го продаваат дома и во градови во Србија.
„ Ги имав Рамче и Суљо за работници кои беа многу добри мајстори. Такви мајка веќе не раѓа. Работливи и чесни. Многу ми помогнаа да го зголемам производството. Работеа и во Велес и во Скопје. Тогаш дневно правевме од 50 до 80 ташни. Најголем број продавав во Ниш, Чачак, Крушевац, па и во Белград. Во некои денови и 300 ташни беа малку зашто побарувачката беше голема. Предноста не беше само во тоа што беа модерни туку беа изработени од квалитетен материјал. Не жалев пари за да набавам добра кожа и добар скај. Сакав муштериите да бидат задоволни. Со распадот на Југославија не само што ни се намали работата туку имавме проблем со набавка и на суровини. Немаше кај нас квалитетни репроматеријали па се до увозот од Турција се изнамачивме. Со скајот од Турција го задржав квалитетот и немав проблеми со навреме ги плаќав ангажираните мајстори и калфи. Се беше добро до моментот кога на нашиот пазар беше увезен скај од Кина. По неколку месечна работа се разболев од алергија. Не можев да работам, заминав во пензија и занаетот му го предадов на синот кој шеста година вредно работи и верувам дека нема да дозволи да згасне семејната занаетчиска традиција,“ рече мајстор Ѓоре.
Сега Љупчо освен дамски ташни продава и кондури, чизми и кожна галантерија. Тој ги пречекува и услужува граѓаните, го нуди асортиманот на семејното производство и се обидува да го збогати.
„Тешко е. Многу увоз од Кина влезе во Македонија. Сите знаат дека станува збор за неквалитетни производи што ги купуваат само затоа што се евтини. Домашните производители не можат да опстанат. Навистина ќе ми биде многу жал ако и јас еден ден, како што тоа веќе го сторија повеќемина занаетчии , ставам клуч на дуќаните. Засега со мерак работам и се`уште се борам но, навистина не знам до кога. Татко ми, пред да отиде во пензија, купи многу скапи машини со кои правам најубави женски ташни во градот и пошироко во регионот. Тешко ги продавам бидејќи домашниот пазар врие од евтини и неквалитетни производи. И голема беспарица е“, рече синот Љупчо.
Тој не е голем оптимист дека уште долго време ќе може да ја сочува фирмата „Ташнар Ѓоре“. Така мисли и неговиот татко, кој пензионерските денови ги мине помагајќи му на синот и дружејќи се со рибарите на брегот на реката Вардар. Мајстор Ѓоре често во раце ја држи рибарската трска. Така, во близина на семејниот дом, се одмара и релаксира од тешките мисли. По разговорот во куќата на Крајчеви ме испрати велејќи: „Тажно ќе биде и за нас и за градот ако дозволи да изумре и ташнарскиот занает.“
Стоилко Андреевски