Исчистени дивите депонии во Велес и околните населени места
Вкупно двеста педесет и два метри кубни отпад се отстранети од дивите депонии во Велес и околните населени места. Екипи на јавното комунално претпријатие „Дервен“ деновиве со механизација и подесни алати ги чистеа од отпад дивите депонии кај брегот на Вардар спротиви улицата Коле Цветков, брегот на реката Тополка, поточно на излезот од Велес од јужната страна. Исчистен од смет е и брегот на битолската пруга во градското подрачје и патот за населбата Дорутовец.
„Дервен“ го собра и комуналниот отпад во село Црквино, што како пракса се воведе на почетокот од годинава. Со акцијата отстранет е отпадот од депонијата што се наоѓа на левата страна на пристапниот пат кон селото и тоа во непосредна близина на природен извор на вода. Црквинчани со години ја користеа оваа депонија која се наоѓа на висорамнина кој при поголеми атмосферски влијанија може да се свлече и да заврши во река Бабуна.
Отпадот од дивите депонии е транспортиран и одложен на градската депонија . Надлежните апелираат граѓаните соодветно да постапуваат со отпадот и градежниот шут со цел да се спречи загадувањето на животната средина./Д.С