„Креативките“ на Фондација Фокус на средба и со преставници на бизнис заедницата (ФОТО)
Две од жените Kреативки, велешанката Злата Коцева и Галина Младенова од Лозово, кои денеска присуствуваа на средбата за вмрежување со бизнис секторот и агентите за продажба, продадоа по еден рачно изработен производ. Креативките ги изложија креативни изработки на терасата на ресторанот „Булевар“, на главната велешка улица и го привлекоа вниманието на случајните минувачи. Тоа беа рачно изработени креативни изработки што во изминативе месеци ги изработија жени од Вардарскиот регион кои се учеснички во проектот „Економско зајакнување на жените од Вардарскиот регион“ на Фондација за локален развој и демократија „Фокус“.
„Плетеното џемперче од волница за бебе ме воодушеви, не можев а да не го купам. Следниот месец сум на крштевка и навистина добро ќе ми дојде за подарок. Рачните изработки ме фасцинираат бидејќи знам дека во нив е вложено многу труд , волја и креативност“, рече граѓанин купувач.
„Преубаво е венчето за коса што го изработила оваа креативна жена. Не можев да не го купам,“ рече велешанката што го купи.
Иако продажбата не беше дел од денешната неформална средба на Креативките со претстаавници на бизнис секторот овие креативни жени присуствуваа и на првата јавна промоција на веб страната kreativka.mk подигната за да овозможи поголема промоција и продажба на нивните рачно изработени креативни изработки. Креативките разменија искуства и се дружеа.
„Целиот настан претставува една неформална дружба меѓу сите поканети гости, се со цел во иднина да се постигнат некои бизнис партнерства со тоа што жените ќе произведуваат креативни производи, бизнис секторот ќе ги откупува и продава и на тој начин ќе остваруваат заеднички приходи. Сите знаеме дека најтешко за креативните жени е да го пласираат производот на пазарот. Токму затоа кога го осмислувавме проект, Економско зајакнување на жените од Вардарски регион, тоа го имавме во предвид и затоа испланиравме повеќе активности за промоција и продажба на рачно изработените производи. Онлајн продажбата преку веб сајтот kreativka.mk потоа преку агентите за продажба кои ги обучивме на посебни обуки и слично“, рече координаторот на проектот Марија Алчева.
Жените Креативки се задоволни од проектот особено од тоа што Фондација „Фокус“ им дава можност да се стекнат со уште поголеми и поразлични вештини во процесот на изработување на рачно изработени производи. Тие сопствената креативност ја изразуваат преку изработки на најразлични производи од накит, украсни предмети, доработки, сувенири и слично.
„И претходно работев и изработував рачни производи, но проектот ме привлече бидејќи беше целосно осмислен, од производство до продажба на нашите креативни производи. Иако не по секоја цена треба да гледаме на материјалното сепак мислам дека сосема човечно е да го очекуваме тоа. Нема да бидам нескрома ако кажам дека ова е нешто што ме исполнува. Јас се пронајдов одамна во тој свет. Идејата на тимот, што го подготви и обезбеди финансиски сретства за реализација на проектот, се поклопи со мојата и тоа беше посебна радост за мене“, рече креативката Смилјка Крстева од Велес.
„Изработувам производи од волна. Тоа е најстариот начин на изработка на волната . Таа се власти и со помош на сапун и вода ги сврзувам влакната и така добивам производ. Имам за цел младите да ги потсетам на практичната страна на употребата на волнените производи“, рече креативката Роска Мицајкова од Кавадарци.
„Јас сликам на стакло, на глина и изработувам украсни предмети. Преку активностите, обуките и работилниците на овој проектот, лично се надградуваме . Ја сум многу задоволна бидејќи научив многу повеќе од тоа што знаев претходно“, рече креативката Марина Атанасова од Кавадарци.
На настанот што денеска се случи во Велес дојдоа скоро сите учеснички во овој проект. Него го реализира Фондација за локален развој и демократија „Фокус“ во партнерство со словенечката „ИРД“. Проектот финансиски е поддржан од Министерството за надворешни работи на Република Словенија и чини 80 илјади евра. /Д.С