Велешанецот Христов со секавања за својот роден град
„Јас сум Благој Христов, син на Милка и Лазо Гркови, и прв внук на Ѓорѓи Аџитонев.Внимателно ги следам вашите и други написи за Велес на Дума.мк и ви се восхитувам на стрпливоста за собирање на податоците. Го прочитав и текстот посветен на велешката населба “Дворови“ и би сакал да дадам придонес во делот каде што зборувате за старите велешки семејства кои што живееја на улицата „ Гоце Делчев“. Ова писмо од редовен читател деновиве стигна до нашата редакција во кое Христов ги пренесува своите спомени и сеќавања за родното маало, соседите и пријателите. На свој начин и тој дава придонес во нашето истражување на стар Велес. Еве што ни пишува Христов:
(Куките изградени на местото на поранешната џамија)
„По првпат во вашиот текст ја споменувате џамијата во Дворови. Многу малку граѓани ја знаат таа џамија, поточно урнатина а јас како дете таму сум играл. Негде околу 1949 или 1950 , веднаш до остатоците од џамијата е направена колективна барака во која живееа Македонците бегалци од Егејска Македонија. Тргнувајќи од џамијата кон рампата, од десна страна беше куќата на Медарови кои имаа коларско-браварска работилница. До нив имаше една мала куќа со влезот од улицата и тука има ќорсокак се до пругата. Од десната страна на тој сокак живееја Раде пајтонџија и Грозда со синот Петре, до нив Петре Калузаров со синовите Ѓоре (електричар) и Страшо (бавчаванџија) со своите фамилии. Потоа живееше баба Маре со синот Атанко (прегледувач на возови во железница и врвен фудбалер во тоа време). Се сеќавам едната ќерка на Атанко се вика Маца. До нив, последени од десно живееа Ѓорѓи и Ката Аџитоневи со синот Јордан (Орце електричар) и ќерките Милка (мојата мајка), Марика, Љубица и Нада, а од другата страна на улицата живееше семејство на Турци кое околу 1955 година си замина за Турска.
(Сокакот до поранешната џамија)
Во нивната куќа се населија, неможам сега да се сетам на имињата, ама знам дека тие работеа во општината на Велес. Следна порта во сокачето, беше на куќата со голем двор во сопственост на Димче и Јана Пљакови. Тие имаа син што се викаше Александар и две ќерки Ѓурѓа и Нада.
На самото излегување од сокакот на маалото живееја граничарите Пљакови и семејството Чингарови како и Ацо , тогашен директор на „ Богдан Каракостев“ со сопругата Менка и семејството а до нив беше стакларскиот дуќан и рампата на преминот на железничката пруга за Гевгелија. Толку за сега ама од левата страна исто ќе ги наредам редоследно, не приметив дека се напишани Анѓушеви,“ пишува Христов.
Тој е роден во оваа велешко маало и во него живеел до 1962 година кога се преселил во Скопје. Велес. Дума му благодари на неговиот придонес и секако на податоците што ни се особено значајни. Соработка очекуваме и од други стари велешани и велешки семејства кои освен со информации ви можеле да ни помогнат и со испраќање на фотографии на кои е овековечен Велес, делови од градот или пак негови жители.
Стоилко Андреевски