СДСМ: Зошто без референдум локалната власт ги извади бистите на хероите од парковите во Велес ?
Зошто ВМРО ДПМНЕ без референдум и изјаснување на граѓаните на Велес ги тргна бистите на народни херои од парковите низ Велес, не ја реализира Алеја на хероите во комплексот на Спомен Костурницата и не го постави донираниот споменик на Мустафа Кемал Ататурк, според договорот со општини од Турција – Адалар и Каршијака го прашаа Социјалдемократите градоначалникот Славчо Чадиев.
– Зошто без референдум и без да ги прашаат што мислат граѓаните на Велес е уништен паркот на велешките Народни херои Димче Мирчев и Благој Страчковски ? Паркот опстојуваше пет децении, пред да им текне на ВМРО ДПМНЕ и Славчо Чадиев да договорат со збратимената општина Каршијака, од Република Турција да направат нов парк, на истото место, како да други места немаше во градот. Со новиот договор таму требаше да стои бистата на Мустафа Кемал Ататурк, но и по седум години бистата не е поставена. Граѓаните, а веруваме и збратимените општини од Турција – Адалар и Каршијака се прашуваат зошто не е поставен споменикот на Ататурк и каде се наоѓа бистата, која тие ја донираа ? Посебно се прашуваат нашите сограѓани од турската националност, а одговор од Чадиев нема, рече портпаролката на ОО на СДСМ, Весна Стојанова Богоевска.
Таа го прозва градоначалникот и за тоа што немале ниту одговорност за извадените и непоставени бисти на Народните херои, како и бистите на хероите кои со децении беа поставени во паркот пред Гимназијата и на други јавни површини низ градот.
– Ветија АЛЕЈА НА ХЕРОИТЕ кај Костурница, излажаа, не ја направија алејата, а бистите кој знае во кое депо фаќаат прашина. Ветија дека ќе се излејат во бронза украдените и непронајдени бисти и тоа ветување не го остварија. Како да очекуваат Велешани почит од Славчо Чадиев, кога тој не ги почитува нашите предци, кои ги дадоа животите за нашата слобода. Граѓаните на Велес не заслужуваат власт која им ја уништува историјата, рече Стојанова Богоевска.
Од општина Велес одговорија дека бистите на народните херои ги извадиле бидејќи тоа од нив го побарал Сојузот на борците од Велес и се чувале во депото на Спомен костурницата, изработиле проект „Алеја на борците“ кои ќе го реализирале кога ќе завршеле локалните избори.
– Во меѓувреме Општина Велес го изработи проектот „Алеја на борците“ издаден е налог за нејзина изградба, предаден на фирма изведувач но се чека да поминат изборите тој да се реализира за да не се свати како додворување на боречката организација. Доколку СДСМ сметаат дека „Парктот на пријатеството“ значи грубо уништување на „Паркот на хероите“ ги повикуваме да ги погледанат сликите од периодот пред тој да се изгради. Многу е јасно кога ова место беше поуредено и поубаво за престој на граѓаните. Што се однесува со спомен бистата на Кемал Ататурк, сакаме да Ве известиме дека во тек е процедурата за нејзино поставување. Тоа е донација од Турција и ние не можеме да влијаеме на времетраењето при нејзината изработка и пристигнување. Сепак очекуваме дека и таа набрзо ќе биде поставена на постаментот исто како што и бистата на Кочо Рацин ќе биде поставена со една од збратимените Турски општини, пишува во писмената реакција на Општина Велес.
Од таму ги потсетија Социјалдемократите дека за се била информирана советничката група на локалната опозиција во Советот на општината чија фракционерска поделеност можеби била причина што не ги споделиле информациите со партиските функционери./ У.Ј