Фондација Фокус повторно ги подобрува условите за живот на граѓаните во локалната заедница (ФОТО)
Поправени десет клупи, поставени нови канти за смет, монтирани нови клацкалки на лулашки и бојадисани детски реквизити за забава во паркот покрај ХИВ – ска зграда во населбата Дворови е придонес за граѓаните што го обезбеди Фондација за локален развој и демократија „Фокус“ од проект што го финансира Фондација Отворено општество Македонија. За оваа репарација на урбаната опрема, Фокус од донаторот, преку иницијативата ги обезбеди потребните 56. 700 денари.
Од Фокус велат дека целта на иницијативата била да се мотивираат граѓаните преку волонтерска акција да допринесат во уредувањето на просторот пред нивните живеалишта а потоа и да се грижат за зачувување на репарираните елементи и парковската површина. Посетителите на паркот ќе ја прочитаат порака „Зачувај ме, за да ме имаш! Вашиот Парк “ преку која Фондацијата испраќа пораката до граѓаните за зачувување и грижа за општите добра во локалната заедница.
Првичната идеја на Фондација Фокус беше иницијативата да поттикне партнерство со локалните институции кои се надлежни за уредување на паркот што секако дека ќе дадеше поубава глетка ако беше обновена тревата.
За петнаесет дена, ова е втора иницијатива што Фондацијата ја реализираше во локална заедница.
Првата се реализираше последниот викенд во Папрадиште каде волонтери од клубот на млади на Фокус заедно со волонтери од ЕГ Грин Пауер го исчистија планинарскиот дом во селото, ги вароса ѕидовите, ја бојадисаа дограмата, ја искосија тревата во дворот на домот, поставија нови елементи за седење а старите ги освежија со боја и на потпорниот ѕид нацртаа мурал.
– Особено е важно граѓаните да покажат подготвеност за волонтирање. Тогаш полесно се обезбедуваат потребни финансиски средства за решавање на нивните или нашите заеднички проблеми. Нивната поддршка ќе значи дека ќе Фокус заедно со нив ќе може да обезбеди финансиски средства за нови иницијативи со кои ќе уредуваме нови зелени површини, ќе обновуваме дотраена или уништена урбана опрема, ќе реновираме објекти, ќе разубавуваме ѕидови, ќе организираме забавни средби или ќе интервенираме за поубав град, за поубаво село и друго, рекоа од Фондација Фокус.
Фондација Фокус ја подготви иницијативата за разубавување на домот во Папрадиште и ги обезбеди потребните 84.000 илјади денари од платформата „Мрдни со прст“ на Националниот младински совет на Македонија. Партнер во реализацијата на оваа активност, преку која се поттикнува волонтирање на граѓаните во локалните заедници, беше општина Чашка која го обезбеди превозот за волонтерите. /С.А