Стојанова Богоевска: „ Кој според законот е инвеститор на реконструкцијата, надградбата и доградбата на зградата на хотелот Интернационал?“
Реконструкцијата, надградбата и доградбата на зградата на поранешниот хотел Интернационал во центарот на Велес предизвикува голем интерес во јавноста , рече денеска кандидатката за член на Советот на Општина Велес од коалицијата предводена од СДСМ, Весна Стојанова Богоевска. И додаде дека со цел да се расчистат сомневањата за можна спрега на градоначалникот Чадиев и одредени бизнис групи и за грубо кршење на законските прописи и за да се дојде до вистината, му поставува седум прашања на Градоначалникот Чадиев.
„Кога и на кој начин фирмата Макоил ја продала зградата на Хотел Интернационал, кој е новиот сопственик и дали при промената на сопственоста е платен данок на промет на недвижности?
Кој според законот е инвеститор на реконструкцијата, надградбата и доградбата на зградата на хотелот?
Според кој законски пропис е извршена пренамена на просторот за трговија, за деловни простории и за станови, бидејќи со постоечкиот детален урбанистички план за централното градско подрачје намената на зградата на хотелот е само и исклучиво за хотелско сместување ?
Дали е издадено решение за локациски услови и одобрение за градење и дали во тие документи е предвидена надградба на објектот и пренамена на просторот?
Дали е одобрена студија со позитивна оценка на остварениот квалитет на сеизмичка заштита во согласност со генералната државна стратегија за контрола и намалување на сеизмичкиот ризик од Институтот за земјотресно инженерство и инженериска сеизмологија?
Дали е направена ревизија на изведбениот проект? и
Кој ќе ја преземе одговорноста доколку и при помал земјотрес незаконската, нестручна, неквалитетна и дилетантска надградба на зградата на хотелот се сруши и усмрти или повреди гости во хотелот и случајни минувачи по тротоарот и улицата„ го праша Стојанова Богоевска Градоначалникот Чадиев.
Таа додаде дека СДСМ ја почитува презумпцијата на невиност според која никој не е виновен додека тоа не се докаже на суд и во исто време бара на одговорност да подлежат сите, без оглед на нивните позиции, што треба да е обврска на надлежни органи и судови кои во законски постапки треба да утврдат дали е направен криминал и е оштетен јавниот интерес на граѓаните на Велес./У.Ј