Ослободителна пресуда за Петровски и браќата Ѓоргиевски во случајот „Ореше“
Велешкиот суд, по девет годишен судски процес, ги ослободи обвинетите за убиството на 72 годишниот Лазо Милошевски од велешкото село Ореше. За убиството повеќе не се виновни првообвинетиот Ѓоре Петровски како и второобвинетите браќата Љупчо и Ордан Ѓорѓиевски. Петровски беше обвинет за нарачување а браќата Ѓоргиевски за извршување на убиството.
На изрекувањето на пресудата, судијката Тања Милева рече дека судот не дошол до сериозни докази дека обвинетиот нарачател Петровски од Америка им исплатил пари на браќата Ѓорѓиевски за да го убијат старецот ниту се најдени докази кои би им се ставиле на товар на обвинетите за извршување на убиството.
По соопштувањето на ослободителната пресуда браќа Ѓоргиевски ги повторија веќе соопштените искази што ги даваа и во судница.
– Конечно се докажа она што цело време го тврдевме, дека убијците не сме ние, туку луѓе од структурите на МВР, помогнати од поранешната министерка Гордана Јанкуловска, рече обвинетиот Ордан Ѓорѓиевски.
Задоволен за прв пат од исходот на судскиот процес беше и нивниот бранител, адвокатот Ѕвонко Давидовиќ. Судењето го оцени како правилно и фер.
– Апелација ја врати претходната пресуда со која моите клиенти добија високи затворски казни и буквално му нацрта на велешкиот суд што треба да земе предвид кога ќе носи нова пресуда. Цело време тврдевме дека докази нема и тоа се покажа денеска, рече адвокатот Ѕвонко Давидовиќ.
Последнава, е петта пресуда за овој случај или втора ослободителна. Сите претходни беа укинувани од скопска Апелација. Во изминатите девет години,овој судски процес познат како „Ореше“ го пратеа повеќе контоверзности бидејќи во него настрадаа судии, обвинители, адвокати и новинарот Томислав Кежаровски.
Тој издржуваше затворска казна затоа што беше осуден оти го открил идентитетот на заштитениот сведок „Бреза“ и тврдеше дека е тој како сведок е лажен додека во судницата сведоци од селото Ореше јавно го соопштуваа името и презимето на „Бреза“.
Во текот на судењето пак Златко Арсовски побара да не биде заштитениот сведок „Бреза“ а кога судот му ја симна заштитата Арсовски во судница призна дека под присила дал лажна изјава според која беа обвинети Петровски и браќата Ѓоргиевски. Ним јавно им се извинуваше.
Убиството на старецот Лазо Милошевски во селото Ореше се случи во 2005 година. Три години подоцна полицијата ги уапси и обвини браќата Ѓорѓиевски. Еден од нив вработен во МВР./У.Ј