Урнато турското училиште кај Црна Џамија
Уште еден стар споменик на Велес збришан од урбаниот лик на градот. Деновиве е урната куќата во која пред три века работеше турско училиште што се наоѓа во непосредна близина на Црна Џамија. Таа беше изградена во средината на 18 век за изведување на потребната настава на турски јазик. Во училиштето години на ред учеле повеќе стотици деца од турска националност.
По иселувањето на турското население од Велес објектот го купил велешанец и во него живееше над седумдесет години. Толку колку што можел, тој го одржуваше објектот, карактеристичен како по градба така и по местоположба. Но, никој од локалните и државните власти не се сети дека куќата треба да се заштити поради неколкуте историски специфичности.
Од Народниот музеј во Велес соопштија дека училиштето не било ставено под заштита на споменици на културата.
Сопственикот штом тоа не го дочекал донел одлука сосема да ја урне градбата за таа да не се дораспадне сама од себе. Така , деновиве ги урнал катот и приземјето се до подрумските простории кои се изградени од камен. Во нив тој заедно со семејството живеат и сега како и повеќе години претходно бидејќи одамна нив ги оспособил во простории за живот. Во наредниве денови ќе започне изградбата на првиот кат но во современ наместо во автентичен стил со кој би се сочувал претходниот изглед на објектот.
Нов лик сега ќе добие куќата на темелите на старото турско училиште во Велес кое се наоѓа во најубавиот дел на улицата „Коле Цветков“, на само триесетина метри од Црна Џамија. Велес останува посиромашен со уште еден споменик од неговото минато, избришан за секогаш од урбаниот лик на градот./С.А