Реакција на ВМРО ДПМНЕ: Мнозинството на СДСМ во Советот на Општина Велес носи одлуки спротивно на Законите
Спротивно на член 32 став 4 од Законот за локалната самоуправа, каде се пропишани правилата за пропорционална застапеност на бројот на членовите во составот на комисиите од страна на политичките партии и уредбата во Статутот на Општина Велес, во чиј член 25 став 3 се вели дека „Политичките партии кои партиципираат во Советот на Општината ќе бидат пропроционално застапени во вкупниот број на членови на сите комисии“ на работната седница на Советот советничката група на СДСМ стори прекршоци и самостојно гласаше, реагира советничката група на ВМРО ДПМНЕ и коалиционите партнери. Така СДСМ покажа дека нема намера да ги почитува Законите во Република Македонија и прописите на општината, констатираше членот на Советот од ВМРО ДМПНЕ, Александар Табаков.
– Според застапеноста во Советот, односно освоените советнички мандати, тоа значи дека во Комисиите СДСМ треба да има вкупно27 членови, а ВМРО-ДПМНЕ 24 членови. Но наместо тоа, советничкото мнозинство на СДСМ вчера самостојно гласаше спротивно на ова правило. Со тоа грубо е прекршен и членот 32 од Законот за локална самоуправа и членот 25 од статутот на општина Велес, рече Табаков.
Поточно реакцијата на опозициската партија ВМРО ДПМНЕ заедно со коалиционите партнери се однесува на фактичката состојба што ќе се добие откако во понеделник, 13 ноември, ќе биде формирана последната комисија на Советот на општина Велес со која тие ќе бидат претставувани со четири членови помалку или само со 20 наместо 24 членови.
– Насила, а не по закон, се суспендира вољата на граѓаните за застапеност на членовите предложени од ВМРО ДПМНЕ во работните тела на Советот на општината. Пропорционалното учество во работата на комисиите во законот е така уредено за граѓаните и нивните интереси преку советниците кои ги избрале да бидат пропоционално застапени.Тоа е основна демократска придобивка и истата е јасно и недвосмислено уредена во Законот за локалната самоуправа, рече Табаков.
Тој додаде дека поради ваквиот однос на локалната власт во следниот период ВМРО ДПМНЕ со коалиционите партнери ќе ја бојкотираат работата на комисиите, се додека не се испочитува законот и пропорционалната застапеност бидејќи незаконски избран состав на комисиите не може да носи законски одлуки. Но, тие ќе учествуваат во работата на Советот на Општината/У.Ј