Сообраќајна несреќа околу 14 часот го парализираше сообраќајот во Велес
Сообраќајна несреќа што се случи денеска околу 14 часот на улицата Алексо Демниевски Бауман го парализираше а потоа и забави сообраќајот во центарот на Велес. За среќа нема тешко повредени лица. Со повреда на стопалото на левата нога помина четиринаесет годишно девојче, пешак, додека двајца велешани имаат полесни повреди на главата, вратот и на градите. Тие, како возач и совозач, се возеле во возило марка „голф3“ на такси компанија. Без повреди заврши возачот и само со материјална штета возилото марка „ауди А 4’“ кое учествуваше во несреќата.
По интервенцијата на брзата помош сите тројца повредени беа пренесени во велешката болница. Интервенираа лекарите од хирушките амбуланти. Девојчето заврши со лонгета, додека двајцата возрасни мажи со полесни повреди констатирани при неколку специјалистички контроли на три одделенија во болницата. Потоа сите повредени беа пратени на домашно лекување.
Сообраќајката се случила пред пешачкиот премин, пред за велешани познатата нова аптека. Таму улицата прописно ја преминувала средношколката. Во моментот кога таа била на коловозот до самиот тротоар неа предност да ја премине улицата и дало такси возило. Во моментот кога девојчето дошло скоро до средината на коловозот во возилото на такси компанија од задната страна удрило второто возило марка „ауди А 4“ и од силината на ударот го исфрлило напред со што десното предно тркало на таксито поминало преку табанот на девојчето пешак.
Увид на лице место направи екипа на СВР Велес. Резултатите од увидот ќе дадат целосна слика за тоа како се случила сообраќајката и кој ја предизвикал./У.Ј