Коцевски: Коледарски огнови во Велес можат да се палат но, да бидат мали и со огревно дрво
Традицијата на палење на коледарски огнови ќе може да продолжи без забрана од локалната власт или полицијата. Велешани во петок вечер,на 5 јануари, ќе можат да се собераат покрај маалските или улични огнови но ќе мораат да внимаваат на големината на пламените и да не користат гума, пластика или друг вид на загадувачки материјали. Така Градоначалникот смета дека треба да се одбележи вечерта пред раѓањето на Исус Христос.
– Ние не би сакале да бидеме строги, да влијаеме врз една традиција која со векови се прославува во Велес. Само сакам да упатам апел, огновите да бидат од помали размери, да не се користат гуми или други материјаали што ќе ја загадат животнатата средина и ако е возможно ритуалите на палење да траат пократко бидејќи тие секако не се православни туку пагански стари обичаи кои сеуште се задржале на нашата територија, рече Коцевски.
Велешани се познати по палењето на коледарските огнови. Наспроти традицијата од пред три па и повеќе децении кога Коледето се палело на 6 јануари, во утринските часови, во последните деценија ипол тоа се прави вечерта на 5 јануари. Граѓаните се собираат, палат оган, греат ракија и вино и подготвуваат мезе кое претежно е мрсно наместо посно.
Ако порано стасаните кисели зелки со црвен пипер и масло или приготвената туршија им служела како мезе сега на огност се пече месо, се јаде и пие, се пее се додека утрото, на 6 јануари не го најави празникот Бадник. Тој ден, според Јулијанскиот календар по кој се раководи Македонската православна црква, е денот пред раѓањето на Исус Христос поточно Божиќ./У.Ј