Се прошируваат и реконструираат патарините на Коридор 10
Се реконструира и модернизира наплатната станица „Сопот“ како една од сите на Коридорот 10. Министерството за транспорт и врски ги издаде сите одобренија потребни за петте наплатни станици што се во изградба. Така патарината кај Романовце во близина на Куманово е во завршна фаза, градежни работи се изведуваат на наплатните станици Сопот и Отовица, додека во најскоро време ќе започне реконструкцијата и на патарините кај Градско и кај Петровец.
– Основната цел е патарините да се прошират со дополнителни неколку ленти за да се избегнат тесните грла особено во летниот период и на тој начин да се олесни протокот на сообраќајот. Ќе го воведеме и електронскиот систем на наплата. Оваа инвестиција чини 18 милиони и 700 илјади евра од нив 2 милиони и 800 илјади евра се обезбедени од државниот буџет и 15 милиони и 800 илјади евра се обезбедени од Европската банка за обнова и развој, рече министерот за транспорт и врски Горан Сугарески.
На заедничкиот увид во реализацијата на градежните работи на патарината Сопот, пред Велес со директорот на ЈП за државни патишта Зоран Китанов, министерот Сугарески најави дека наскоро ќе бидат издадени и решенијата за реконструкција и осовременување на патарините кај Гевгелија и Демир Капија.
– Проектот требаше да започне пред три години, но од за нас непознати причини дозволите за градба чекаа две години. Сега заедно со мнстерството за транспорт и врски дозволите ги издадовме за два месеци. Изградбата на патарините Сопот и Отовица започнаа пред два месеци, а рокот на изведба е осум месеци. Целта е Коридорот 10 до крајот на годината, а овие патарини до почетокот на летната сезона, да бидат во функција според потребите на граѓаните поточно со повеќе ленти. Сопот ќе има пет ленти и ќе поседува електронски систем за наплата, рече Китанов.
Тој додаде дека во почетокот наплатата ќе биде со кеш плаќање, со картичка но и ќе има припејд можност од кои се очекува да овозможат побрз проток на возилата. Сега на една рампа ќе има електронско плаќање а до крајот на годината тоа ќе треба да профункционира на сите рампи на патарините на Коридорот 10 .
Во истовреме софтверскиот дел се работи и за потребите на патарините на Коридор 8. Таму завршил тендерот и сега е во постапка замената на сите 30 постоечки кабини. Ќе следи замена и унифицирање и на настрешниците за исто така до крајот на годината да се воведе електронското плаќање.
Инаку Китановски споредувајќи ги резултатите во периодот август – декември 2017 со претходната година соопшти дека е зголемен профитот од наплата на патарина и изнесува 1 милион 234 илјади евра./У.Ј