Зголемен интересот на дивите да станат легални таксисти во Велес додека се бараат нови решенија за сообраќајниот режим
По средбата на претставниците на Здружението на такси автопревозници во Велес со Градоначалникот на Велес, сообраќајниот инспектор и преставник на сообраќајната полиција на СВР Велес , на која таксистите го кренаа повторно гласот против дивите такси превозници, биле поднесени поголем број на барања за полагање на тестови со кои пак се добиваат лиценци за такси превозник. Општинските инспектори и сообраќајната полиција ќе ги продолжат контролите на улиците и прво незаконитоста ќе се санкционира со предупредување.
Според Општината дивите таксисти ќе добијат рок во кој ќе можат да си извадат лиценци. Доколку во тој рок не ги извадат потребните документи тогаш ќе бидат казнети. Градоначалникот Аце Коцевски соопшти дека работеле интензивно со врвни сообраќајни проектанти од Македонија и со полицијата за изнаоѓање на најсоодветни сообраќајни решенија за некои од раскрсниците меѓутоа во овој момент рече дека сеуште не стигнале до фазата да соопштат конкретни решенија.
Таксистите кои се легални пак се во очекување на состојбите во оваа област од животот во градот и веќе соопштија дека нема проблемот да го трпат на долг рок туку дека се спредмни доколку не се среди „џунглата на велешкиот асвалт“ да превземат и порадикални мерки.
На Велес му се повеќе од потребни нови сообраќајни решенија бидејќи во работниот дел од денот на бројни локации во централното градско подрачје се создаваат долги колони од возила кои не така ретко и го попречуваат пешачењето на граѓаните. Особено во делот на паркирањето кога возилата наместо на паркинзи завршуваат на тротоари. Во последно време се поретки но сеуште оваа навика не е целосно искоренета./У.Ј