По Одлуката на Регулаторна, цената на водата ќе треба да се зголеми и во Велес
Ако не се жалат ЈКП „Дервен“ и ЈП „Лисиче“ според пресметките на Регулаторната комисија за енергетика цената на водата во Велес треба да се зголеми а не да се намали. Комисијата пресметките ги прави според европска методологија и во нејзината работа Европската Комисија не дозволува да се меша ни Владата ниту Општините во Македонија иако тоа не им одговара. Намалувањето на цената на водата за велешани беше едно од трите приоритетни ветувања на Градоначалникот на Општина Велес во изборната трка за освојување на градоначалничката функција. На новинарско прашање ќе се намали ли цената на водата во Велес, Аце Коцевски на последната прес конференција рече:
– Јас на граѓаните им дадов три ветувања. Првото беше дека цената на водата треба да се намали за минимум 10 %, пресметката за исфрлање на смет за бизнис секторот наместо да се пресметува по метри кубни наместо по метри квадратни и платите на вработените во ЈКП Дервен треба да се зголемат најмалку за 10 %. Ветувам дека за второто и третото ветување ќе се исполнат додека за првото не сум сигурен затоа што сега тоа не зависи од Општината, од Владата туку од Регулаторната комисија за енергетика која ги утврдува цените за водата. За жал по нејзината математика излегува дека цената на водата треба да се зголеми а не да се намали. Водам битка, ова прашање го актуелизирам на секоја средба во ЗЕЛС и со Премиерот Заев. На последната заедно со Градоначалникот на Прилеп, Премиерот вети дека ќе се обиде да направи некакви корекции тоа да биде максимална цена. Значи Општините да не можат да одат над максималната а минималната да не се ограничува. Во овој случај на Општините им е ограничена и минималната и максималната цена. Кога ние би ја земале минималната таа цена пак е повисока од сегашната цена на водата во Велес, рече Коцевски. За него ваквата ситуација е апсурдна.
Сепак право на жалба имаат ЈКП „Дервен“ и ЈП „Лисиче“. Тие можат да ја обжалат одлуката на Регулаторната комисија.
Кога денеска ги прашавме Комуналците колку пари ќе изнесува 1 тон вода што граѓаните на Општина Велес ќе треба да го плаќаат по Одлуката на Регулаторна комисија и дали според пресметките тоа ќе значи дека велешани ќе плаќаат повисока, иста или пониска цена од актуелната, од таму одговорија:
„ Цените за водните услуги што ЈКП Дервен ги обезбедува за корисниците по донесувањето на Решение од страна на Регулаторната комисија за минимална и максимална просечна цена на водните услуги сеуште не се утврдени. Во наредниот период тие треба да бидат изгласани од Управниот одбор на ЈКП Дервен, а потоа одобрени и од Советот на Општина Велес. Тогаш ќе можеме со сигурност да Ви одговориме по која цена ќе се наплаќа за 1 тон вода.“
Но, Градоначалникот Коцевски на последната прес конференција соопшти дека во моментов ЈКП „Дервен“ нема Управен Одбор бидејќи најверојатно по партиска налог стариот, што функционираше во времето на претходната локална власт, заедно со Претседателот си дале оставки.
– Сега Дервен е чардак ни на земја ни на небо. За да се избере нов Управен одбор треба членовите да имаат сертификати за положен англиски јазик. Со новиот закон, од пред некој ден, е поедноставена постапката но сега за сега јавното комунално претпријатие нема Управен одбор, додаде Коцевски.
Инаку Градоначалникот смета дека платите на вработените, намалени за 10 отсто во времето на ВМРО ДПМНЕ кога директор беше Коџабашиев, не ги прави многу атрактивни за работа одредени места и позиции во комуналното претпријатие. Тој смета дека покачувањето особено треба да ги мотивира работниците кои го садат и одржуваат зеленилото, го собираат сметот или перат улици да бидат соодветно наградени за работата што ја вршат и на пеколни жештини и на минусни температури.
Денеска неуспеавме да го прашаме само уште ЈП „Лисиче“ дали тоа ќе ја обжали одлуката на Регулаторна комисија како надеж дека можеби ќе влијае врз веќе донесената одлука што не им одговара на граѓаните на Велес. /У.Ј