Градоначалникот на Велес формираше Локален граѓански совет
Помошно тело составено од 17 претставници на граѓански здруженија и новинар ќе имаат можност да му помагаат, предлагаат иницијативи и да бараат решенија заедно со Градоначалникот Аце Коцевски преку кои ќе се подобрува квалитетот на живот во локалната заедница. Телото денеска беше формирано и ќе се состанува по потреба.
На конститутивната седница членовите на локалниот граѓански совет предложија и разговараа за неколку приоритетни прашања како што се дивите тезги околу централниот градски пазар за кои решение треба да бидат постојаните инспекциски контроли и надзор, потребата од пазар – Бувљак, доделувањето на највисоките општински признанија наместо од страна на комисиите на Советот на Општината, за да се прекине вообичаената пракса на политичкото пазарење, да премине во надлежност на Локалниот граѓански совет, потребата од нови сообраќајни решенија, паркинг простори, згрижување на бездомните кучиња од градските улици, Младински културен центар како и користењето на искуствата на ваквите форми на граѓанско здружување од останатите општини во државата и надвор од неа.
Локалниот граѓански совет веќе на наредната средба ќе треба да донесе Деловник за работа кој ќе треба да го прецизира начинот на работење и да избере тричлена група што ќе ја има надлежноста да развива идеи за подобар развој на животот во градот. Тие проекти ќе треба да му ги доставува на Градоначалникот и да го советува кога е во прашање граѓанската потреба.
Коцевски ги информираше присутните за пропаднатиот тендер за нов Генерален урбанистички план на Велес поради погрешно дадена геодетска подлошка, конкретните активности со проектантите за изработка на нов детален урбанистички план за Градскиот парк, за пешачкиот мост што Младинскиот парк треба да го спои со салата Гемиџии и паркот, за новите две трибини на градскиот стадион и за обезбедувањето на локација во паркот каде младите луѓе ќе можат да го организираат својот културно забавен живот посочувајќи го просторот помеѓу расадникот на ЈКП „Дервен“ и оградниот ѕид на фудбалскиот стадион . Градоначалникот исто така ги соопшти плановите за угостителска намена на островчето „Јаниташ“ во река Вардар, обидите да се дојде со соодветно растеретување на сообраќајот во строгиот центар на градот и негова намена во пешачка зона.
Доцна попладнево на слична средба со бизнис заедницата во Велес е формиран и Локален економски совет/У.Ј