Општина Велес ја тужи Регулаторна комисија за енергетика за покачувањето на цената на водата пред Управен суд
Општина Велес не е задоволна од утврдената цена на Регулаторната комисија за енергетика со која велешани треба да плаќаат за 20 отсто повисока цена за тон вода за пиење од сегашната, што чини 30 денари. Општината поднесе тужба до Управниот суд на Република Македонија во која бара Регулаторна да го поништи донесеното решение според кое цената на тон вода за пиење не смее да биде пониска од 36 денари. И покрај обидите да се актуелизира ова прашање со останатите Градоначалници во ЗЕЛС како и разговорите со Премиерот Зоран Заев, велешкиот градоначалник се сомнева во преиначување на одлуката на Регулаторите.
– Утврдени се минимални, максимални и просечни цени на водата која Хидросистем Лисиче му ја дистрибуира на ЈКП Дервен и на водата која Дервен ја продава на правните субјекти и на граѓаните на Општина Велес. Ние не сме задоволни од утврдената цена на водата и поради тоа доставивме тужба до Управен суд. Сметаме дека е превисока. Јас во мојата изборна програма им ветив на граѓаните дека цената на водата ќе се намали за 10 % . За жал тоа во меѓувреме е надлежност на Државната Регулаторна комисија за енергетика и не е во надлежност на Општините. Општините можат само да ја утврдуваат цената помеѓу минималната и максималната што веќе ги утврдила Регулаторна, рече Коцевски.
Тој додаде дека Регулаторна има направено и грешка при формирањето на цената на водата за пиење во Велес.
– Влезната цена за ЈКП Дервен е пресметувана според старата цена на вода од Хидросистем Лисиче а новата цена од хидросистем Лисиче е малку повисока во споредба со постоечката цена, рече Коцевски.
Сега Советот на Општината е на потег. Тој треба да ја донесе Одлуката да се зголеми цената на водата за пиење во Велес заедно со Управниот Одбор на ЈКП “Дервен“. Градоначалникот претходно веќе соопшти дека кога е во прашање управувањето со претпријатието тоа е како „Чардак ни на небо ни на земја“ бидејќи старите членови на Одборот си дале оставки а постапката за формирање на нов Одбор може да се одолговлече. Новите ќе мораат да имаат сертификати за познавање на англиски јазик. Од Дервен денеска нема коментар за покачувањето на цената на водата за пиење.
„ Нема да навлегуваме во правниот процес кој градоначалникот сака да го покрене по ова прашање. Би сакале само притоа да се земе во предвид дека постои и Решение од Регулаторната комисија за покачување на цената на суровата вода од страна на ЈПВ Лисиче спрема ЈКП Дервен, и да се внимава да не се доведе ЈКП Дервен во загуба,“ пишува во одговорот на новинарско прашање.
Ваквите одлуки на Регулаторната комисија за енергетика се резултат на новиот закон за утврдување на цените за водните услуги кој стапи на сила лани. Никој не смее да и се меша во работата. Засега велешани чекаат да видат како ќе одлучи Советот на Општина Велес но, нивните колеги од Битолскиот Совет на општината вчера гласаа против Одлуката на Регулаторите додека синоќа Владата и порача да ја преиспита веќе донесената одлука за зголемување на цената на водата за пиење./У.Ј