Менаџерите започнаа а кројачите продолжуваат со кроењето на лозовите насади на ВВ „Шато Сопот“ крај Велес
Триесет и пет години работен стаж во лозарството има Гоце Ристовски од селото Милино во Општина Лозово. Сега тој е еден од најстариот кројач по стаж на лозовите насади на ВВ „Шато Сопот“. Операцијата кроење исто така многу значајна за родот во процесот на одгледување на лозовите насади од кои се очекува да дадат што поголем род. Во што е мајсторијата, го прашавме Ристовски:
– Мајсторијата е во доброто кроење и чистење на лозата. Пресудни се временските услови, какво е времето така и се крои. На пример ако е ладно се крои на подолги а ако е потопло на пократки лагови. Во моментов овие плантажи на ВВ „Шато Сопот“ ги кроиме на подолги лакови за повеќе папки да оставиме, рече Ристовски.
Тој и неговите колеги се надеваат дека годинава родот ќе биде побогат од ланскиот. Се радуваат на дождливиот период затоа што во услови на зима без снег тие се добредојдени за влагата во почвата. Кројачите, сопствениците и менаџерскиот тим на ВВ „Шато Сопот“ денеска го празнуваат празникот „Свети Трифун“.
Сите заедно, потпомогнати од Градоначалникот на Велес, Аце Коцевски ги закроија лозниците откако свештеник на Епархија Поварарска ги освети и со молитва побара лозовите насади да бидат заштитени од невреме, суша, штетници.
– Доволна количина на дожд наврна а ние без проблеми ги поминавме сите етапи во производството како што се орањето и кроењето на лозовите насади на површина од 80 хектари. На неа имаме застапено четири сорти на винова лоза и затоа доколку условите останат добри како што се досега тогаш ние очекуваме род од 500 илјади килограми грозје. Се надеваме дека нема да ни се повтори ланската состојба кога имавме загуба од 30% до 40% поради сушата, град и болести. Денешниот ден го чествуваме со цел Свети Трифун да ни го заштити родот и да постигнеме висок квалитет на родот и висок квалитет на вината што досега ги произведуваме, рече Божидар Илиевски ,менаџер на ВВ „Шато Сопот“.
Лозовите насади на оваа винарска визба се наоѓаат покрај наплатната станица Сопот на автопатот Скопје -Велес и поседуваат систем за наводнување капка по капка. Винаријата има и свој угостителски објект/У.Ј