Несторов: Зачекоривме во годината на полнолетство на 5 ФМ Радио си посакавме повторно да произведуваме локални вести
Локалното радио 5 ФМ денеска ја одбележа својата седумнаесетта годишнина. Редакцијата славеше скромно прилагодувајќи се на финансиските услови во кои работи но со оптимизам дека економската состојба во Велес ќе се подобри и ќе биде поттикнувачка за враќање на сите новинарски жанрови на програмата на радиото. Сопственикот Љупчо Несторовски со голем оптимизам во себе и во потенцијалот, технички и кадровски, верува дека полнолетството ќе го одбележат со информативна програма како носечка во работата на локалниот медиум.
– Голема е желбата да ги вратиме локалните вести во етерот по кој бевме препознатливи во подобрите времиња на општествениот живот во градот. Секако за тоа се потребни пари. За жал не можеме да се пофалиме во моментов. Емитувањето на вести значи ангажирање на новинари и секако за нив обезбедување на пристојни плати. Тоа зависи од добриот маркетинг и желбата на фирмите да се рекламираат, да го доближат сопствениот производ до нашите слушатели. Се надевам дека нашите слушатели се задоволни од програмата во која доминира радио водителството и еве користам прилика да се заблагодарам на сите наши задоволни клиенти и да поканам нови кои знаат дека рекламата го продава производот, рече Несторов.
Сепак радиото во изминатата година успеа да го подигне квалитетот на програмата од технички аспект преку набавка на нова автоматска опрема од марката „Jazler radio star 2“. /У.Ј