Масовна еколошка акција за чистење на Велес од смет ќе се одржи оваа сабота
Граѓаните на Велес во сабота на 10 март ќе можат да ја покажат својата грижа за заштита на животната средина во локалната заедница. Под мотото „Не валкај – разубави, ден за Велес“ Општината и Јавното комунално претпријатие „Дервен“ организираат масовна акција за чистење на Велес која ќе има за цел да се собере сметот на три локации во градот.
„Ги поканувам сите граѓани со добра волја да ни се приклучат на следните три собирни пунктови: во близина на Стар мост, на градскиот стадион и на игралиштето во населба „Тунел“.Акцијата ќе се одвива на следните локации: на улица „Димко Најдов“, на улица „Луј Пастер“, на градскиот фудбалски стадион и на улицата„ Благој Ѓорев“. Заради високиот водостој на Вардар ги избегнуваме крајбрежните појаси покрај реката за да не дојде до некои несакани последици, рече Градоначалникот АцеКоцевски.
Во еколошката акција учество се очекува да земат учениците од основните и од средните училишта, од урбаните заедници, активистите на Општинската организација на Црвен крст, пожарникарите од Територијалната противпожарна единица на Велес, вработените во Центарот за управување со кризи и граѓанските организации.
Поттикнувајќи го волонерството како вредна општествена придобивка акцијата за чистење на сметот со кој е затрупан Велес нема да биде ограничена само на трите локации туку преку неа се поттикнуваат сите граѓани да го соберат сметот од улиците каде што живеат потоа фирмите и урбаните заедници.
Масовната еколошка акција „Не валкај – разубави, ден за Велес“ ќе започне во 9 часот и ќе има за цел да го направи Велес убав и чист град поточно здраво и чисто место на живеење./У.Ј