(ФОТО) Машиновозачот Симон Малинов и уште двајца негови колеги, во железничкото возило, удрија во карпите што утрово се одронија на патот и железничката пруга на излезот од Велес
Најмалку 50 м3 карпи се откинале и струполиле на патот и на железничката пруга Скопје – Гевгелија на јужниот излез на Велес под месноста Долни Дукани. Глетката е стравична. Особено што карпите кои се паднати се големи и тежат по неколку тони. Откинувањето на големите блокови се случило утринава околу 8.30 часот ,само неколку минути откако по патот поминал автобус и најверојатно три до пет минути пред по пругата да помине возило за отстранување на дефекти на ЈП „Македонски железници“ кое се забило во карпите на железничката линија. Одронот е на непрегледен дел и по блага кривина кога се доаѓа од страната на градот.
Возилото на Македонски железници го управувал машиновозацот Симон Малинов. Во состојба на стрес и под голем психолошки притисок од последиците што можеле да бидат фатални по неговиот и по животот на двајцата колегите што ги возел тој рече:
– Кратко беше растојанието кога видовме после благава кривина на железничката пруга. Јас го управував железничкото возило и прво што направив веднаш почнав да кочам. Панично им викав на колегите да се држат колку што можат но ударот во карпите на линијата не можев да го избегнам. Еден од колегите не успеада се задржи доволно и со главата удри во внатрешноста на возилото. Веднаш по ударот сите му помогнавме на повредениот колега и од страв да не се откине ново парче карпа успеавме да се искачиме на брегот од страната на река Вардар и да се оддалечиме што е можно подалеку од карпите над пругата и над патот“, рече Малинов.
Тој продолжи да раскажува како отпосле забележиле дека горе на патот, на мостот на река Тополка стоел полицаец кој мафтал со рацете и се обидувал да сигнализира да запрат а потоа се обидувал да ги предупреди да бегаат назад се додека не се извлекле на безбеден дел.
– Машината што ја возев од ударот излезе надвор од пругата но се заглави во карпите. Еве и сега се гледа, рече Малинов.
На местото на несреќата стигна екипа на ЈП „Македонски железници“. Со нив е и директорот на Транспорт. Тој отиде да бара помош од градежните компании кои веднаш ќе треба да се вклучат прво во кршење на огромните откинати карпи а потоа и да ги отстрануваат од железничката пруга. Дел од екипата прави увид на лице место. Во проценките за отстранување на количината на карпите од патот се вклучени и екипи на ЈП „Македонија пат“.
Засега никој не може да каже точно за колку време ќе може да се расчисти патот и железничката пруга Скопје – Гевгелија, кај Велес.
Во целата несреќа единствено добро е што нема тешко повредени или згмечени луѓе. Патот го обезбедува полиција. Еден од полицајците, кој стои на патот кај Стар Мост во Велес не и дозволи на екипата на Дума.мк sсо такси да помине и да стигне до местото на настанот се додека не побаравме помош од првите луѓе на СВР Велес. Претходно десеттина минути траеше безуспешното објаснување со полицаецот дека станува збор за новинарска екипа која има за цел да ја информира јавноста за случката со откинатата карпа./У.Ј