Експертското мислење од Геомеханика треба да биде пресудно како да се отстранат огромните парчиња од откинатата карпа Цуцка на патот и на железничката пруга на јужниот излез на Велес
Деловите од карпата Цуцка, која вчера утро падна и го пoкри патот Велес – Градско и железничката пруга Велес- Гевгелија, поради огромната големина тешко можат да ја отстранат вработените од ЈП„ Македонски железници“ и на ЈП„Македонија пат“. Тоа еглавната причина поради која неможе да се оспособи нормалното одвивање на железничкиот и патниот сообраќај во централниот дел на државата. Рано утринава на местото на одронот беа работниците на „Македонски железници“ кои ги рачистуваа помалите карпи.
Три парчиња од откинатата карпа, кој се наоѓаат на пругата, се огромни. Нивната тежина изнесува од 30 до 50 тони. Стручњаците не дозволуваат тие да бидат минирани поради опасност од предизвикување на детонација и нови одрони од карпата Цуцка. Со компресорски дупчалки ќе се бушат и на тој начин ќе се кршат карпите. Оваа задача работниците ја започнаа денеска. Инаку, „Македонски железници“ за да се надмине проблемот со одвивање на сообраќајот, во ваква ситуација, сите патници кои патуваат за Скопје од Гевгелија ги зема на железничката станица во Градско и со автобуси ги носи до железничката станица во Велес за да продолжат со воз да патуваат кон Скопје. Исто и за патниците кои патуваат кон Гевгелија, од Велес со автобуси се превезуваат до Градско, од каде потоа продолжуваат со воз. Веруваме дека за неколку дена ќе се отстранат трите поголеми парчиња од карпата што директно се наоѓаат на самата пруга и сообраќајот ќе се нормализира“ рекоа од железничката станица во Велес.
На местото на несреќата, која за голема среќа не однесе човечки животи, утринава беше и градоначалникот на Велес Аце Коцевски.
„Навистина голема катастрофа.За среќа добро е што нема човечки жртви. Веднаш по несреќата, ние како Општина писмено побаравме помош од Дирекцијата за заштита и спасување и од Центарот за управување со кризи . Уште во текот на вчерашниот ден не информираа дека овој случај ги надминува нивните можности и капацитети. Не упатија да се јавиме во Градежниот факултет, во кабинетот за Геомеханика и во Центарот за заштита и спасување во Скопје. Писмено барање испративме веднаш и чекаме одговор. Верувам дека ЈП„Македонски железници“ и ЈП„Македонија пат“ ќе преземат се да ги отстранат карпите и да го оспособат сообраќајот. Инаку, карпата Цуцка ќе мора трајно да се реши. Ние како Општина немаме ниту сили ниту можности. За решавање на оваа катастрофа треба да ни помогне државата“, рече Коцевски.
Додека се рачистуваа помалите карпи работниците од ЈП„Македонски железници“ ни рекоа дека чекаат дупчалки за да можат да почнат да ги кршат големите карпи. На локацијата над нив сеуште виси дел од растресената карпа Цуцка.
Инаку, според договорот, ЈП„Македонија пат“ ќе започне со рачистување на патот откако ќе бидат отстранети карпите од железничката линија. Моментално поради големиот одрон ниту пеш не може да се помине од едната на другата страна на патот. Местото го обезбедува полицијата /С.А.