Нови парчиња се одронуваат од велешката карпа Цуцка иако железничкиот сообраќај по пругата на делницата Велес- Градско е нормализиран
Ноќниот и утринскиот патнички воз од Скопје за Гевгелија поминаа под карпата Цуцка на јужниот излез од Велес според утврдениот возен ред на ЈП „Македонски железници“. Од синоќа, среда 14 март, околу 22 часот и 20 минути до претпладнево на 15 март, четврток пропуштени се и вкупно пет товарни возови од железничката станица во Велес. Со тоа е нормализиран патничкиот и товарен железнички сообраќај на пругата Скопје – Гевгелија, соопштија од Железничката станица во Велес. Јавното железничко претпријатие на критичната точка под карпата Цуцка постави, во три смени, чувари задолжени да ја следат состојбата и да алармираат доколку се случи да се појави нов одрон од растресената карпа Цуцка.
Но, не е нормализиран патничкиот сообраќај по стариот пат кон Градско преку јужниот излез од Велес.
Таму сеуште стојат големите откинати парчиња од карпата што во вторникот на 13 март, се откинаа и свлекоа на патот.
Сега се чека на доаѓањето на Комисијата од Дирекцијата за заштита и спасување, која треба да направи надзор со експерти од Градежен факултет од Скопје. Тоа се професори од катедрата за Геомеханика. Исто така е значајно и експертското мислење на експертите од Институтот за земјотресно инжинерство и инжинерска сеизмологија затоа што на патот се свлекуваат нови парчиња од карпата. Тие треба да проценат каква е состојбата со растресената карпа „Цуцка“ и да го одредат начинот на кршење на големите парчиња што се сронија на патот како не би се предизвикал нов одрон. Секако нивната експертиза е значајна и за отстранувањето на свлечените делови од карпата, тешки и по неколку стотини килограми.
Во расчисувањето на карпите од патот Општина Велес веќе побарала и помош во механизација од ЈП Македонија пат. Засега тие не интервенирале бидејки немале механизација.
Според советникот во одделението за комунални работи на општината Снежана Дервишова глетката и впечатокот што на лице место се стекнува кога се стои под карпата е стравична. Од неа се одронуваат нови парчиња. Експертите мораат да дадат стручно мислење како наједноставно да се извлече одронетиот дел и како да се обезбеди заштита откако тоа ќе се стори бидејќи патот е доста прометен исто како и железничката пруга по која започна да се одвива сообраќај.
Дали и од поминувањето на товарните возови поради вибрациите нема да се предизвикуваат нови одрони.
Инаку се до пред дваесет години на карпите се искачуваа алпинисти. Тие ги идентификуваа пукнатините и ги санираа според ставовите на експертите од ИЗИС, Градежен факултет и другите државни институции. Но, во изминатите 20 години таква заштита не е правена. /У.Ј