Разбојник со нож му се заканил на 11 годишно момче и му го одзел мобилниот телефон во Велес
Eдинаесетгодишното момче од населбата Градско било нападнато ,во петокот на 16 март, околу 17 часот кога се движело кон Автобуската станица „Велес“. Него го пресретнал непознат малолетник кој заканувајки му се со нож му го побарал мобилниот телефон. Преплашеното момче му го дало телефон на разбојникот кој потоа со трчање избегал во правец кон Автобуската станица. Случката била пријавена во полиција. Полициските службеници на СВР Велес интервенирале брзо и успеале да го пронајдат одземениот телефон на момчето од Градско кај триесетитри годишниот велешанец К.Ѓ.
Тој го открил идентитетот на лицето од кое го купил мобилниот телефон. Станува збор за малолетник од Велес кој во изминатиот период има извршено и други кривични дела.
– Полициските инспектори работат на комплетирање на документацијата. Потоа ќе следи кривична пријава што против малолетникот ќе биде поднесена до Основното Јавно Обвинителство во Велес, рече портпаролот Верољуб Додевски.
На момчето кое беше нападнато од малолетниот разбојник му е вратен украдениот телефон.
Инаку за седум дена ова е втор напад што се случува во ист дел на Велес. Во првиот нападната беше жена од која иако разбојник се обиде да ја ограби со одземање на ташната во намерата само успеа да го одземе нејзиниот мобилен телефон. Жената се движела во по Мало Мовче во правец кон споменикот на „Ѓемиџиите“ . Но, не станува збор за истиот разбојник, бидејќи описот што го дала жената, не одговара со откриениот малолетник кој изминатиот петок заканувајќи се со нож го одзеде мобилниот телефон на единаесетгодишното момче од Градско./У.Ј