Одронетите карпи под Цуцка, на патот Велес – Градско, стојат додека институциите уверуваат оти ќе ги раздробеле и тргнеле за неколку дена
Сеуште не е помрдната ниту една карпа од одронот под Цуцка на регионалниот пат Велес – Градско. Таму и денеска, седум дена по сронувањето на огромните карпести парчиња на коловозот на патот и покрај железничката линија Скопје -Гевгелија, не се случува ништо што покажува дека се превземаат активности за повторно ставање во употреба на патот за сообраќај и за пешачење. Сообраќајот е многу важен за неколкуте семејства што живеат во куќи во близина на одронот и чии деца за да стигнат на училиште а родители на работа, до Велес доаѓаат преку клучката кај мотел Македонија па по автопатотот влегуваат во градот кај Штипско петле. Тие на социјалните мрежи остро реагираа и прашаа ,, кој нас ќе ни ги надомести патните трошоци кои секојневно не чинат пари поради заобиколување од 20 километри во еден правец“. Велешани јавно прашуваат и зошто мораат наместо по овој регионален пат да возат по автопатот кон Градско . Патот, исто така, како пешачка зона го користат и граѓаните за да го посетат манастирскиот комплекс „Свети Димитрија“, црквите „Света Петка“, „Свети Никола“, „Света Недела„ и параклисот „Света Ана“.
Засега за да се стигне до нив има бариера од најмалку 50 м3 карпести парчиња.
Според советникот во одделението за комунални работи на општина Велес, Снежана Дервишова, општината направила тоа што можела, поточно поставила барикади со кои од безбедносен аспект се забранува движење на граѓани по овој пат кој мине под карпата Цуцка. Исто така присуствувала на увидот што професорот Милорад Јовановски од катедрата за Геомеханика на Градежен факултет го направил пред четири дена и побарала помош од Агенцијата за патишта и ЈП „Македонија пат“ за расчистување на карпите.
– Во пристапот многу е важно како ќе се свлече и остатокот од карпата Цуцка, што е испукан но сеуште виси горе на преостанатиот карпест предел , за кој професорот Јовановски исто така рече дека е опасен како по животот на граѓаните така и по одвивањето на патниот и железничкиот сообраќај во овој дел на патот, рече Дервишова.
Директорот на ЈП„Македонија пат“, Гајур Кадриу пак чека Агенцијата за патишта да го спроведе својот дел од договорот со тоа што треба да го ангажира ГП „Гранит“, бидејќи освен што имала тендер била и единствена специјализирана фирма за секундарно минирање во државата.
– Ако го добиле елаборатот од професорот Јовановски сигурен сум дека Гранит вршат подготовки за минирање, беше дециден Кадриу.
Потоа екипите на Македонија пат ќе почнеле со собирање и отстранување на раздробениот карпест материјал. Кадриу смета дека за седум дена ова претпријатие ќе може да го расчисти теренот додека за воспоставување на целосна безбедност на патот ќе треба повеќе време. Директорот на Агенцијата, Зоран Китанов кога денеска ни се јави на телефон замоли информација да даде утре бидејќи бил на службен пат надрвот од државата.
Инаку, за велешани особено е значајно овој регионален пат да биде во функција за одбележувањето на верскиот празник Источен Петок Балаклија кога од сите страни на градот се слеваат реки од граѓани кои пешки ги минат 3 километри од Стар Мост до манастирот минувајќи токму под карпата Цуцка./У.Ј