Минерите од „Гранит“ можно е утре да стигнат под карпата „Цуцка“
Специјализиран тим на градежната фирма „Гранит“ треба утре, петок 30 март, да дојде и да ги направат сите подготовки кои ќе овозможат безбедно минирање на одронетиот дел од карпата „Цуцка“ кај Велес. Тие прво треба да ги направат бушењата во големите свлечени парчиња од карпата на регионалниот пат Велес – Градско, на јужниот излез од градот, за во нив потоа да постават експлозив. Пред да се пристапи кон секундарно минирање, што ќе ги раздроби на ситни парчиња огромните делови од откинатата карпа, од безбедносен аспект треба да се заштити околината во која спаѓаат железничката пруга Скопје – Гевгелија, околните куќи и објекти кои се наоѓаат во близина на „Цуцка“.
Во меѓувреме се координираат активностите со општина Велес, со Центарот за управување со кризи, Дирекцијата за заштита и спасување, полицијата и со ЈП „Македонски железници“ кое, во конкретно определените ден и час на минирање на одронетите карпи, треба да го запре сообраќањето на возовите по пругата и да го исклучи електричното напојување во водот поточно жиците нас самата пругата.
Ова денеска го соопшти директорот на Агенцијата за патишта Зоран Китанов откако проф. др. Милорад Јовановски од Катедрата за Геотехника на Градежниот факултет во Скопје го испратил експертскиот извештај до Агенцијата.
– Ако тимот од фирмата „Гранит“ бушењето и поставувањето на динамитот го заврши во еден ден паралелно ќе се искоординираат сите потребни безбедносни услови за веќе во наредниот ден да може да се спроведе секундарното минирање, рече Стојче Пецевски од Агенцијата за патишта.
Тоа значи дека, ако „Гранит“ работата ја заврши во петок на 30 март, возможно е секундарното минирање да се случи во сабота на 31 март. Потоа работите да ги превземе ЈП „Македонија пат“ подружницата во Велес со расчистување на овој дел од регионалниот пат Велес – Градско.
Инаку шеснаесет дена по сронувањето на огромните карпести парчиња од „Цуцка“ тие лежат на коловозот на патот. Ваквата глетка е причина за секојдневните реакции на дел од граѓаните кои живеат во месноста „Долни Дуќани“, поточно во куќите покрај пругата и на работниците во фабриката за обработка на крзно и кожа „Димко Митрев“.
Одронот е на педесеттина метри од овие куќи или на половина километар од фабриката додека граѓаните за да стигнат до своите домови и до работните места мораат да вртат околу десеттина километри преку автопатот Велес – Градско за да стигнат дома или на работа. Дел од нив пак, непочитувајќи ги поставените знаци за забрането минување од страна на општината, пешки минат покрај карпите иако се предупредени на опасноста.
Проодноста на патот е значајна и за сите граѓани на Велес. Најголем дел од нив сакаат да знаат дали патот ќе биде расчистен до верскиот празник „Источен петок Балаклија“ кога традиционално се посетува манастирот „Свети Димитрија“./У.Ј