Сронети и исситнети се опасните делови од врвот на одронот на „Цуцка“
Исситнета е огромната одронета карпа што се наоѓаше на коловозот на регионалниот пат Велес – Градско, под „Цуцка“. Завчера откако екипата на „Гранит“ ги отстрани последните критични делови од врвот на карпата денеска багер со хидрауличен чекан го уситнуваше одронетиот материјал за потоа тој да биде отстранет од коловозот.
Во исто време горе на врвот на „Цуцка“ стручни лица на Гранит ги отстрануваа нестабилните делови на карпата што висат над коловозот.
Во изнесувањето на здробените карпи од коловозот на патот ќе се вклучи и ЈП „Македонија пат“ со потребната механизација. Општина Велес добила информации дека црпењето на уситнетите карпи ќе бидат за брзо време отстранети од коловозот на патот.
„Според најавите од претпријатијата вклучени во работата, се очекува во најкус можен рок коловозот да биде расчистен. Засега не се добиени согласности за минирање од надлежните органи и тековните активности се во насока на решавање на состојбата со алтернативни мерки,“ пишува во информацијата од општината.
Сега кога се отвори видикот од оздола кон врвот на „Цуцка“ се гледаат уште два полуконусни карпести парчиња за кои експертите од „Гранит“ рекоа дека не се во стабилна состојба.
Нивните констатации се исти со препораките на професорот Милорад Јовановски од катедрата за Геомеханика на Градежен факултет дека на „Цуцка “ и треба целосна заштита за да биде безбедно под неа да се мине. Тоа единствено е можно со целосен проект што неколку пати поскапо ќе чини од сегашното санирање на најкритичниот дел од карпестиот масив.
Според стручните лица што ги изведуваат работите околу санирање на најкритичниот дел на оваа карпа, исто така, постои и карпа што се наоѓа на најсеверниот дел од патот, веднаш под последната куќа во населбата „Долни Дуќани“ на која треба да се обрне сериозно внимание. Фотографијата покажува дека таа е во полукружна форма и на средината пресечена во вертикала како со нож../У.Ј